Сузана Спасовска и Александар Тарабунов ќе пеат обработка на песна од Гоце Николовски

by Fokus

Песната на легендарниот пејач Гоце Николовски „Има една земја“ чиј автор е Григор Копров, доби своја обработка под која е потпишан маестро Николче Мицевски. Истата ќе биде отпеана од Сузана Спасовска и Александар Тарабунов на 7. декември во Филхармонијата, како дел од концертот „Македонијо, во срце те носиме“.

Станува збор за нумера која во 1986 година ја отпеал Гоце Николовски, и се нашла на неговиот прв фолк албум.

Имено, Николовски во тоа време живеел во Ниш, пеел шлагери и бил дел од една од легендарните нишки групи, познатите Далтони. Набргу влегол во етно водите и светот на народната музика, а токму со Копров работел на албумот кој го носел неговото име и кој бил издаден за РТВ Словенија.

Покрај оваа песна, во проектот „Македонијо, во срце те носиме“ зад кој стои Скендеровски Продукција, веќе има и друга обработка на песна од Николовски. Станува за збор за песната „Оган да го гори“ која ја изведува Ламбе Алабаковски.

На 16-ти декември годинава се навршуваат 18 години од смртта на Гоце Николовски, пејач кој остави посебен белег на нашата музичка сцена. Ја доживеа најголемата популарност во 1990 година, кога на Фолк Фест Валандово ја отпеа „Бисер Балкански“ и го освои првото место.

Песната во 2000 година беше прогласена за Песна на векот во Македонија, и до денес е еден вид на неофицијална, народна химна.

Николовски е роден во Скопје, но кариерата ја започнал во Ниш, каде тогаш живеел. Остави богата музичка ризница, а веста за неговата смрт во 2006 година, на негова 58-годишна возраст, ја потресе целата јавност. Како што тогаш објавија медиумите, тој извршил самоубиство во домот во Скопје.

Зад себе го остави синот, ќерката Катарина и сопругата Весна, кои според последните неофицијални информации, живеат во Ниш.

Вики Клинчарова

Поврзани новости