Популарната фолк пејачка Сузана Гавазова и нејзиниот сопруг Јасмин Курузовиќ прославија десет години од стапувањето во брак, во кој ги добија ќерките Емили и Селена. Парот кој првин по венчавката живееше во Шведска, пред шест години се пресели во Струмица, а како што често истакнува Сузана, имала среќа да го сретне Јасмин, кој и е голема поддршка во кариерата.
Инаку, Гавазова ја изненади јавноста, кога во јуни 2013 година, во екот на својата популарност, откри дека се венчала со Јасмин, кој ја запросил веднаш штом ја започнале врската во Шведска. Свадбена забава направија во февруари наредната година, во хотел во Струмица.
Во интервју кое го направивме со неа веднаш по веста за венчавката, таа раскажа дека како на некој начин да си ја предвидела судбината.
-Јас дури во една емисија пред околу пет години изјавив дека цел живот како да имам претчувство дека ќе се омажам на 33 години. Како да си ја предвидов судбината! Ете, така и се случи. Тоа отсекогаш ми изгледаше како вистинско време за формирање семејство за жена која се занимава со пеење, која има кариера…
Со Јамин се запознавме лани во Шведска, а врската ја започнавме сега, во јуни, и тој веднаш ме запроси. Мојата одлука да се омажам за човек кого релативно малку го знам ги изненади сите кои ме познаваат, но во него го најдов сето она кое го барав со години – ни изјави пејачката во тогашното интервју.
Раскажа дека тој е Босанец кој 20 години живеел во Шведска, имал пекара и градежна фирма, но бил Балканец во душа и секогаш планирал еден ден да се врати на Балканот. Така и се случи, и тие пред околу шест години се преселија во Струмица.
За одлуката да го продолжат животот во Македонија, во интервју за ,,Фокус” истакна дека ја сака Шведска, земјата во која се родени нејзините ќерки, но сепак со тек на време започнала да им смета ладната клима.
-Не дека Шведска е лоша земја за живеење, но мене лично и на моите ќеркички ни сметаше ладната клима и студениот ветер… а потоа почна да му смета и на Јасмин. Секогаш кога ќе си дојдевме во Македонија не сакавме да се враќаме назад, и така еден ден решивме да си останеме во Македонија. Македонија си ја опишавме како ,,Земјата на сонцето” а сонцето дава убава и позитивна енергија и овде сме пресреќни-откри таа во интервјуто од пред три години и раскажа дека градат вила во Дојран, а Јасмин започнал сопствен бизнис и стекнал многу пријатели во земјава.
Тој и е голема поддршка во кариерата и често патува со неа на турнејите во странство.
Вики Клинчарова