Популарната фолк пејачка Сузана Гавазова која околу дваесет години е активна на сцената и важи за една од најангажираните, деновиве се подготвува за новогодишните празници, кои ќе ги мине работно. За новогодишниот дочек ќе има настап во локал во Скопје, а пак за божиќните празници заедно со семејството заминува во Америка, каде ќе одржи мини турнеја.
За ,,Фокус” вели дека кога ќе направи ретроспектива на годината која изминува, може со полно срце да каже дека и била среќна и успешна. По 2020, која го затвори светот поради панедмијата, со разлабавувањето на мерките во 2021, но и поради фактот дека народот на некој начин веќе започна да живее поопуштено, таа раскажува дека е благодарна на животот за што има.
-Најголема среќа е кога ја завршуваш годината со цело семејство на број, кога сите околу тебе се живи и здрави, како роднините, така и пријателите. Затоа, без двоумење можам да кажам дека мене 2021 ми беше среќна година. Поради тоа, ќе ја памтам само по убавите моменти кои ми се случија. Имав многу настапи, патувања, снимања на нови материјали, гостувања во ТВ емисии – појаснува пејачката, која по неколку години живот во Шведска, заедно со сопругот и двете ќерки се врати во родната Македонија.
Живеат во Струмица, градат вила во Дојран, времето го минуваат опкружени со блиски пријатели, но и со родителите на Сузана, за кои не крие дека и се десна рака во животот. Нејзиниот сопруг Јасмин, кој по потекло е од Босна, одлично се вклопил овде, и е нејзина најголема поддршка.
По новата година, семејно ќе заминеле во Америка, каде Сузана веќе ги договорила настапите пред нашата дијаспора.
Вики Клинчарова