Кавадарчанката Сузана С.С. (52), чие безживотно тело со повреди беше пронајдено во нејзиниот стан на 22-ри јануари, била убиена од нејзиниот партнер Илија Панов (42) од Кавадарци. Тој вчера бил лишен од слобода, а од СВР Велес го потврдија случајот.
Жената била убиена со гушење, а пак осомничениот за убиството е лице познато како нарко зависник во градот.
,,Фокус” пишуваше за случајот со Сузана минатат недела, кога беше пронајдено нејзиното тело. Таа живеела сама во стан во социјалните згради близу до училиштето ,,Гоце Делчев”. Откако не одговарала на повиците, нејзината ќерка отишла кај неа и го пронашла телото, по што повикала полиција и итна медицинска помош.
Од извори на истрагата ,,Фокус” дознава дека телото на Сузана било во спалната соба, зад вратата. Наоколу се било расфрлано, а пак електричната греалка била вклучена. Истата била навалена на страна, и за чудо не се запалила.
-Не се знае колку време била греалката вклучена, така навалена на страна, на една ногарка. Во целиот овој трагичен настан вистинска среќа е што не се запалила и не настанал пожар. Можела да изгори целата зграда во која има многу станари, во неофицијален разговор раскажа нашиот извор.
Како што информираат од СВР Велес, вчера во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Илија Панов (42) од Кавадарци. Тој се сомничи дека на 22.01.2025 во нејзиниот дом со гушење ја убил неговата партнерка Сузана.С.С.(52) од Кавадарци.
Починатата беше пронајдена од нејзината ќерка Д.Т., која веднаш го пријавила настанот во полициска станица. Додека, по преземени мерки од полициски службеници од СВР Велес – ОВР Кавадарци и Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал при МВР и по извршени вештачења и анализи во координација со ОЈО Кавадарци, обезбедени се докази и дојдено е до сознание дека И.П. го сторил делото.
ОВР Кавадарци против него поднесе кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик – „убиство“, а судија на претходна постапка од Основен суд Кавадарци му определи мерка притвор од 30 дена и И. Панов. е спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Гевгелија за издржување на мерката притвор – информираат од СВР Велес.
Кавадарчани за починатата жена велат дека од социјален аспект имала доста тежок живот. За Панов пак, раскажуваат дека со години наназад бил нарко зависник.
Вики Клинчарова