Сушата удри по грозјето, тиквешките лозари бараат да се прогласи елементарна непогода

by Fokus

Сушата го намалува родот на лозјата во Тиквешко, особено на насадите кои не се наводнуваат, реагираат лозарите. Бараат да се прогласи елеменатрна непогода зашто на некои места, како што велат, има штети и преку 90 отсто.

За МИА изјавија дека со ваков проблем се соочуваат земјоделци од повеќе месности.

-Сушата го зема својот данок од месноста Белград, каде се наоѓаат едни од најубавите лозја во Тиквешијата, кои даваат извонредно грозје, од кое се прават едни од најубавите вина и ракии во најголемиот лозаровинарски регион во државата. Не залудно винарите белограѓани се опеани и во песната Билјана платно белеше. Овде, кога има доволно влага, е вистинска оаза. Сега поради сушното лето, овој дел се направи како пустина, нагласи Диме Соколов.

Додаде дека со години чекале и овие површини да добијат систем за наводнување.

-Претставниците на одделни винарии велат дека годинава ќе има вишок на грозје, па нема да може да се откупи целото, па затоа цената да биде пониска. Ние лозарите сметаме дека тоа се само манипулации, чисти лаги. Според нас, родот на винските сорти годинава ќе биде намален за педесетина проценти. Поради сушата, родот што го има кај трпезните сорти, освен што е намален таму каде што нема систем за наводнување, не е ниту за продажба поради лошиот квалитет. Така да, десертно грозје, наместо да заврши на трпезите, ќе мора да да заврши во казаните како ракија. А ако се пече ракија, после тоа нема да може да се носи по пазарите за да се продава. Третирани сме, сметаме, што би се рекло, како криминалци. А мораме тоа грозје да го вариме во ракија, за да можеме да вратиме дел од трошоците. Или, да го оставиме грозјето на лозјето. Друго чаре нема. Устата веќе пења ни фати, секоја година едно исто повторуваме, незадоволство од цените за килограм грозје. За овие дваесетина години, само трошоците ни се покачуваат. Дојдени сме до дното. Подолу веќе не може да се оди, нагласи Соколов.

Доплни и дека покрај тоа што грозјето имало технолошка зрелост, одделни винарии тактизирале и доцнеле со откупот, па со секој нов ден, родот губел и во квантитет и во квалитет.

Според Дане Јошев, надлежните треба да размислат околу евентуално прогласување на сушата за елементарна непогода.

-Бараме да се прогласи елеменатрна непогода во Тиквешијата зашто на некои места има штети и преку 90 отсто. Освен во месностите Белград и Овчка Река, штети има и во други делови. Краиште, Модри стени кај Брушани, брушански и ресавски атар и други. Според нашите сознанија, над 50 отсто од површините се изгорени. Државата да помогне, бидејќи сме во загуба, апелираше Јошев.

Реагираа и други лозари и земјоделци погодени од неповолните климатски промени и од штетите во нивните земјоделски имоти, а дека сушата предвреме го „собрала“ родот од лозови плантажи во Тиквешко, потврдуваат и двете здруженија на лозари.

Поврзани новости