Сушанто Рој, син на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, на следните локални избори ќе може да гласа за избор на совет и за избор на градоначалник на скопската општина Гази Баба и на Град Скопје.
Според податоците за избирачкиот список од Државната изборна комисија, Рој има адреса на живеење на улицата Методија Андонов – Ченто и право на глас на избирачкото место со број 2505, кое се наоѓа во истоимената населба – Ченто.
Како што е познато, Сушанто доби македонско државјанство во време кога неговиот татко Субрата беше гостин на високите претставници во претходната влада на Никола Груевски и најавуваше милионски инвестиции во земјоделството, туризмот и други сектори, од кои на крајот ништо не испадна.
Инаку, неговиот син беше еден од оние 39.000 спорни гласачи што ги утврди ДИК на последните парламентарни избори, но тогаш имаше адреса на живеење и право на глас во скопско Бардовци, која во меѓувреме ја променил.