Супертрејд, Евротим, Пертинакс Скопје, Ли-Оил, Блу Технолоџи и КА-Оил се фирмите кои увезувале сомнителен мазут

by Fokus

Крешник Бектеши, министерот за економија, ги соопшти имињата на седумте компании кај кои се констатирани пропусти со дистрибуирањето на мазут во земјата и објави дека истите се казнети со 55.510 евра.

Како што соопшти министерот Бектеши станува збор за Супертрејд, Евротим, Пертинакс Скопје, Ли-Оил, Блу Технолоџи, КА-Оил и РКМ Доел.

– Квалитетот на нафтените деривати што ги користат граѓаните, но и индустриските капацитети мора да бидат согласно највисоките стандарди за безбедност на производите. Со Законот за енергетика кој што беше усвоен пред две години, токму на ова и се обврзавме, а впрочем тоа се и директивите на Европската Унија со кои сме целосно усогласени, рече Бектеши.

Отстапување на параметрите во Правилникот во делот на поголем процент на вода се утврдени и кај пет цистерни на компанијата Супертрејд. Овие цистерни се вратени кај добавувачот, а при повторниот инспекциски надзор кај оваа компанија, земени се нови три мостри кои е утврдено дека се во согласност со Правилникот.

Компанијата „Блу Технолоџи“, како што нагласи, продавала мазут ППД којшто не е деклариран во Правилникот за течни горива и на оваа компанија и е изречено решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ.

Кај компанијата „Санс АГ“ од Штип утврдено е производство на мазут од отпадни гуми и на неа и е изречена забрана за работа и поднесено е барање за одземање на Б интегрираната дозвола.

За овие две компании доставен е допис од Државниот пазарен инспекторат до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање на лиценца, поради производство на производ кој го декларирале како мазут, а не соодвествува со параметрите во Правилникот за квалитет на течни горива.

Неправилности се констатирани и кај компанијата „Евротим“ која беше спомената во истражувањето на ИРЛ. Оваа компанија увезувала мазут чии гранични вредности не одговараат со Правилникот.  На неа и е изречена времена забрана за пуштање во промет на мазут. Двете цистерни од кои се земени мостри се вратени кај добавувачот, а дополнително земена е мостра и од складиштето на компанијата за што анализите се очекуваат во текот на денешниот ден.

Прекршочни казни се изречени против седумте комапнии и тоа Супертрејд, Евротим, Пертинакс-Скопје, Ли-оил ДБ Кавадарци, Блу технолоџи Ка-оил Енерџи Кавадарци и РКМ ДООЕЛ, која вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика.

Кај компанијата РКМ било утврдено дека декларираниот производ не се совпаѓа со царинската тарифа под која е увезен што значи дека еден производ е означен во фактурата, е друг е увезен. На оваа компанија и е наплатен царински долг и прекршоци во вкупен износ од над 24 илјади евра.

 

 

 

 

 

Поврзани новости