Супермаркети во Белгија ја ограничија продажбата на брашно и масло

by fokus

Синџирите супермаркети „Колорајт“ и „Лидл“ во Белгија ја ограничија продажбата на брашно, масло и конзервиран зеленчук поради големата побарувачка.

Додека двете компании напоменуваат дека станува збор за „превентивна мерка“ и дека „нема недостиг“, потрошувачите во „Колорајт“ засега можат да купат најмногу две пакувања од секаков вид масло и брашно, додека во „Лидл“ е ограничена и продажбата на конзервиран зеленчук на две конзерви.

Истовремено, од белгискиот трговски синџир „Делез“ наведуваат дека е забележлива зголемена продажба, но нема да воведат ограничувања за потрошувачите.

Полиците во белгиските продавници се преполни, а продавачите апелираат до граѓаните да не паничат и да не создаваат непотребни залихи, со што предизвикуваат недостиг каков што имаше на почетокот на пандемијата на Ковид-19.

Цените на храната во белгиските продавници останаа стабилни и покрај астрономскиот раст на енергентите и греењето во земјата.

Еден литар сончогледово масло во Белгија може да се купи за 2,40 евра, бело брашно за 0,55 евра по килограм, а еден литар млеко за 1,30 евра.

Официјално, во изминатите шест месеци цената на храната во Белгија поскапе за околу четирии отсто, наспроти енергентите кои се зголемија и до 50 проценти.

Белгиските власти од вчера ги намалија акцизите на горивото, така што максимално дозволените цени на дизелот сега се 1,9 евра, односно 1,7 евра за бензин од 95 октани.

Поврзани новости