Сунет или смрт

by fokus

За Албанците нека не берат гајле. Тие се мајсторите на овие избори, гласале секаде најпрецизно: ем му помогнаа на СДСМ да биде победник во Македонија, ем ДУИ ја урнисаа до толку што сега е пата-пата со другите албански партии, ем Тачи го нема веќе во ДПА бидејќи е поразен од Села, а извадија и сосема нова политичка партија, како Беса, на која ѝ дадоа тамам една парламентарна група за да не се занесе на почеток. Според овој резултат, ДУИ може да се повика дека ги претставува Албанците само ако се намерачи да оди во Русија или на Халкидики

Пишува
Рамадан РАМАДАНИ

Предвремените највонредни парламентарни избори во Македонија завршија, и како што е ред во толкав тесен исход објавувањето на конечните резултати ќе потрае. Ние се бевме навикнале на избори со учество на СДПМ и други изборни фантоми кои порано правеа разлика, па не чекавме толку на конечни резултати, но ова се почисти избори и затоа малку ќе почекаме. Да се присетиме дека пред некоја година во Албанија имаше така неизвесни избори, каде што кутиите на крајот се отвораа во живо и секое ливче се пребројуваше. Траеше некој месец и тоа е нормално во избори со толку неизвесен исход.

Поради тоа, секој муабет за влада отсега се смета за кроење коалиција на нероден Петко. А ситуацијата е најблаго кажано многу прецизна и не дозволува дури и да имаше некој Бранко Црвенковски кој ќе ги признаеше истата вечер резултатите тоа да го направи. Сепак, се покажа дека народот е секогаш во право, дури и кога Бранко греши!

СДСМ ОСВОИ МНОЗИНСТВО СО МАКЕДОНСКИ ГЛАСАЧИ

Да погледнеме колку прецизно гласале граѓаните за да разбереме дека стана невозможно овојпат нивниот глас да се подели на вакви или на онакви, па потоа да се преточи во нелегитимна и непретставувачка влада. Нешто што прво го почна партијата, која врз поделби правеше и кампања. ДПМНЕ, која демакедонизираше гласачи и политичари Македонци, навредуваше и лажеше за Албанците и нивниот јазик и се потруди да го дели и резултатот на колку се албански, а колку македонски гласови.

Е па тогаш нека почне од својата коалиција да видиме како таа пресметка ќе ја примаат Србите, Турците и Ромите парламентарци во свои редови, а потоа нека се префрли на тие од ДУИ да истражи колку Албанци навистина има таму, за да види каде има најмногу идни Албанци парламентарци: во ДУИ или надвор од неа. А што се однесува до гласачите, тие бројки се уште попрецизни, кога ќе се извадат сите немакедонски гласови и партии од коалицијата на ДПМНЕ, СДСМ сепак го освоила мнозинството на чистото македонско гласачко тело.

А за Албанците нека не берат гајле. Тие се мајсторите на овие избори, гласале секаде најпрецизно: ем му помогнаа на СДСМ да биде победник во Македонија, ем ДУИ ја урнисаа до толку што сега е пата-пата со парламентарци со другите албански партии, ем Тачи го нема веќе во ДПА бидејќи е поразен од Села, а извадија и сосема нова политичка партија, како Беса, на која ѝ дадоа тамам една парламентарна група за да не се занесе на почеток, како што знаат младите да се занесуваат. Според овој резултат, ДУИ може да се повика дека ги претставува Албанците само ако се намерачи да оди во Русија или на Халкидики, но и тоа не смее зашто веднаш следуваат локалните избори. А мајсторите гласачи се тука, уште попрецизно и од првиот пат, за да ги навие ДУИ точно да знаат колку е часот.

НА ЗАЕВ ОД АЛБАНЦИТЕ МУ ЗАВИСИ ВЛАДАТА, А НА ГРУЕВСКИ И СЛОБОДАТА

Така што отсега се наѕираат условите на сите албански субјекти за идна коалиција: СЈО, имплементирање на Охридскиот рамковен договор и евроатлантски интеграции, што всушност е и програмата на која било идна влада: Извештајот на Прибе. Само што има дополнителен услов за ДПМНЕ, која правеше кампања со албанофобија, а тоа е јавно извинување. Не, нема сунет, иако тие самите тоа прво го спомнаа и не изгледа лоша идеја, дури може да стане одредувачка тема за кој ќе го сочини идното парламентарно мнозинство.

Бројките, сепак, се најпрецизни и ако идниот вмровски министер како Бујар Османи, како и минатиот пат кога беше министер од ДУИ, направи сунетот да може да се прави со сини картони, тогаш може да се случи Бранко Манојлоски да им пребегне во некоја друга албанска партија, најверојатно во движењето Беса.

А секој што знае нешто за муслиманите во Македонија, знае дека сунетот е сериозна институција со сите нишани, па оттука може да испадне и честитката што ја очекува Влатко Ѓорчев од јаничарската коалиција на Бошњаците, Ромите и Турците. Имено, при сунет има посебен репертоар песни што им се пеат на децата при тој чин. Во едната од нив, која ете би можела да послужи и како музичка честитка, се пее и овој текст: „кој ќе го внесе соколот во собата кај берберот, тоа е неговиот вујко кој го сака најмногу…“

А за тоа зошто да има дополнителен услов за влада од Албанците за ДПМНЕ, а не и за СДСМ, одговорот е јасен – од фактот дека на победникот на овие избори Зоран Заев од Албанците може да му зависи само владата, а на Никола Груевски и слободата.

Поврзани новости