Сунак: Вооружете ја Украина сега!

by Fokus

Британскиот премиер Риши Сунак им порача на светските лидери дека сега мора да ја вооружат Украина и да се зафатат со зајакнување на нејзината долгорочна иднина против понатамошна руска агресија.

Британскиот премиер, во денешниот говор на Минхенската безбедносна конференција, имаше двојна порака за Западот, јави ДПА.

Тој рече дека на Украина и е потребна воена поддршка од сојузниците за да се спротивстави на секоја пролетна офанзива на трупите на рускиот претседател Владимир Путин.

Но, тој тврди дека Западот, исто така, мора да започне да ги поставува темелите за зајакнување на безбедноста на Киев на долг рок.

Тој на самитот во Баварија рече дека има потреба веднаш да се „зајакнат“ вооружените сили на Киев и да се „удвои“ поддршката на Западот за неговата одбрана од инвазијата на Русија.

Сунак го наведе обезбедувањето тенкови од страна на Велика Британија и одлуката на неговата администрација да започне со обука на украински пилоти да управуваат со борбени авиони според НАТО стандардите како пример за тоа како Британија ја игра својата улога.

Но, осврнувајќи се на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, во јули, тој ги повика другите западни лидери да се посветат на обезбедување „капацитети на НАТО“ за вооружените сили на Украина за да ги обезбедат нејзините граници во иднина.

– Нашите колективни напори прават разлика, но со секој ден што минува, руските сили нанесуваат уште повеќе болка и страдање, нагласи Сунак.

– Сега единствениот начин да се промени тоа е Украина да победи … Треба да направиме повеќе за да ја зајакнеме долгорочната безбедност на Украина. Мораме да им ги дадеме напредните капацитети според НАТО стандардите што им се потребни за иднината … И ние мора да покажеме дека ќе останеме покрај нив, подготвени и способни да им помогнеме да ја бранат својата земја повторно и повторно, истакна британскиот премиер.

Поврзани новости