Сунак ја прифати оставката на министерот Вилијамсон

by Фокус

Британскиот премиер Риши Сунак вчеравечер ја прифати оставката на Гевин Вилијамсон како министер без ресор, откако во јавноста се појавија обвинувања дека извршил мобинг врз колеги и навредувал близок соработник на поранешната премиерка Лиз Трас.

Министер Вилијамсон прво синоќа ја соопшти својата оставка од новата конзервативна влада, откако беше обвинет за „неморално“ однесување и испраќање несоодветни пораки до пратениците и поранешните колеги.

„Како што знаете, постои тековен процес на жалба во врска со пораките што ги испратив“, напиша Вилијамсон, државен министер без ресор, во писмото до премиерот Риши Сунак што го објави на Твитер.

Неговата оставка е прва во владата формирана пред две недели.

Во јавноста излегоа пораките на Вилијамсон во кои тој ја навредува Венди Мортон, блиска соработничка на поранешната премиерка Трас, затоа што не се погрижила да биде поканет на погребот на кралицата, пишува Гардијан.

Гардијан појаснува дека Тереза Меј своевремено го разреши Вилијамсон од функцијата министер за одбрана поради објавување доверливи информации, а тој беше сменет и од Борис Џонсон по катастрофалниот двегодишен мандат како министер за образование.

Поврзани новости