Сума од 1.107.000 денари, односно 18 илјади евра, одобри Владата за концертот насловен ,,Нотите на Македонија” кој утре вечер ќе се одржи на ракометното игралиште во Битола. Тој е во организација на Мојсо продукција, а ќе настапат голем број на фолк пејачи и веќе неколку недели наназад се најавува како голем спектакл.
Сузана Гавазова, Благоја Грујовски, Ирена Спасовска, Анета Молика, Стојне Николова, Дамјан Стојановски, Зуица Лазова, Марјан Коцев, Каан Мазхар, Рамо Беслими, група Молика и Ален Хасановиќ се најавени како учесници на концертот, за кој влезниците се продаваат по цена од 150 денари.
Станува збор за музички настан за кој Владата одобри средства преку јавниот повик за финансиска поддршка на индустријата за организација на настани на теми со кои одбележува 30 години независност на Македонија.
Вкупно, за сите настани по повод одбележувањето на независноста на земјата, беа одвоени околу еден милион евра, распределени на 33 правни лица, односно на продукции и друштва за сценско-културни дејства за проекти кои содржат музички концерти, театарски претстави, предавања, туристички прошетки, едукативни работилници, поетски читања и друго, со задолжително ангажирање на домашни изведувачи.
Конкретно за концертот во Битола, според владиното соопштение, се работи за музички настан на кој ќе бидат изведени 24 нови песни, комбинирани на повеќе јазици, кои го отсликуваат мултикултурниот карактер на Македонија.
-Како шлаг на летото, Продукција Мојсо на први септември ви го претставува концертот во живо на најголемите фолк ѕвезди во Македонија –порачаа од продукцијата.
Вики Клинчарова