Сум се изнагледал на се, ама полошо од она кое го видов во Куманово нема, државата да не чека ниту секунда!

by Fokus

Низ цела земја, во десетици села и градови сум бил да помогнам, се изнагледав на секакви ситуации, на тешки животни услови во кои семејства преживуваат, но верувајте ми, она кое вчера во видов во Куманово, во село Градиште, никаде го нема! Полоши услови никаде не сум сретнал, итно треба да реагира државата, додека не се случила некоја трагедија – за ,,Фокус” раскажува активистот Александар Ѓоргиевски, од здружението ,,Подај рака, спаси” живот, по посетата на семејството Лазаровски.

Се работи за родители кои имаат пет малолетни деца и кои преживуваат без основни услови за живот. Децата поголем дел од времето биле гладни, отколку сити, а Ѓоргиевски решил да го посети семејството откако го видел видео прилогот во кој едно од девојчињата од ова семејство раскажува дека никогаш во животот не пробало пица.

-Им однесов пица на децата, им однесов и фрижидер. Кога стигнав таму, ме дочекаа разочарувачки слики, ова е дефинитивно семејство кое живее во најлоши услови од сите семејства на кои во минатото сум им помогнал.
Ниту пицата, ниту пак фрижидерот, кој немаат ниту каде да го стават, не им се од помош. Потребно им е трајно решение, и не знам како до сега социјалните служби од Општина Куманово не се ангажирале да им го решат проблемот.
Најмалото дете има сериозни здравствени проблеми, апелирав да им биде испратено возило на итната медицинска помош, известен сум дека сега возилото е на пат кон селото.
Јавно апелирам до Општина Куманово итно да реагира, да не се чека и завлекува работата, на семејството му е потребен социјален стан или пак сместување под кирија, некаде каде ќе добијат достоинствени услови за живот. Овде, живот не може да има, до толку е лоша состојбата – појаснува активистот.

Вели дека сиромаштијата во која преживуваат овие пет деца, и покрај тоа што свикнал на секакви слики од поранешните искуства кога помагал на семејства од социјален ризик, е најлошото нешто кое го видел.

Овие слики се лицето на нашата држава, на нашето општество! Имаме ли ние држава, кога вакво нешто се дозволило?- прашува.

Додава дека доколку надлежните служби веднаш не појдат кај фамилијата Лазаровски и не пружат конкретна помош, тој ќе се заложи да му обезбеди на семејството стан под кирија.

Сите кои се можност да помогнат, можат да ги контактираат Лазаровски на 075 349 090.

Вики Клинчарова

Поврзани новости