Сукалото му е мајката

by Фокус

Тоа сукалото на гордоста ќе заигра и ќе нѐ суреди по принципот – десет удри, едно брои! Првото „едно“ за броење е судството. Судски совет метла, Совет на јавни обвинители лопата, Обвинителство јака правосмукалка, судови, од основните до највисокиот, Врховниот, клоца и на принудна работа во Комунална хигиена, адвокатите, кондуктери во ЈСП.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Криво-лево ја поминавме и „пресудната“ 2023 година, во која требаше конечно официјално да ги почнеме преговорите со Европската Унија.

Требаше само малку да клекнеме за да ја прескокнеме пречката и да се најдеме на другата страна, каде што можеби не цветаaт рози, но барем трева за пасење има доволно.

Ама што се разбираме ние, големите Македонци, во тие работи. А, децата знаат, природно.

Секое здраво, ведро, палаво дете од мали нозе знае дека пред да скокне и да рече „ОП“ мора да клекне за да го добие потребниот одраз да ја прескокне пречката, обично некоја дупка, бразда, камен… нешто слично како Бугарите во Уставот.

Во таа физичка операција, колената се најбитни, мора малку да се подвиткаат, да не бидат крути, здрвени, за да можат нозете да развијат доволна брзина за да се стаса навреме пред да тргне возот.

Но, што фактор беа колената кога ’рбетот, „кичмата“ на Македонецот, како што се изразуваат дежурниве патриоти, во нашиов случај се закопа во место и гордо, достоинствено со сукалото како протеза додржа исправена и не се даде да се свитка под диктатот на Бугарите; море не, под диктатот на Французите; Европејците, па дури и Американците, и тие ни го бамкаат истото – Уставот.

Е сега, допрва ќе видиме што значи виткање „кичма“, тој длабок наклон со погледот вземи.

ДЕСЕТ УДРИ – ЕДНО БРОИ

Само нека поминат изборите со мирно, со арно. Искуството ни кажува дека онаа пречка што можевме без голем проблем да ја прескокнеме, како некоја бразда со валкана вода, понатаму ќе ни се испречи како длабока река која тешко ќе се премине, па таман и мрена риба да се сториме.

Имам впечаток дека тоа сукалото на гордоста ќе заигра и ќе нѐ суреди по принципот – десет удри, едно брои! Ако, така треба.

Првото „едно“ за броење е судството. И десет удари за тој змијарник се малку, ама ајде за почеток доволно.

Судски совет метла, Совет на јавни обвинители лопата, Обвинителство јака правосмукалка, судови, од основните до највисокиот, Врховниот, клоца и на принудна работа во Комунална хигиена, адвокатите што го солупија народов штитејќи ја мафијата, како колатерална штета во процесот на распадот на правосудниот систем, за нив поблаго решение: кондуктери во ЈСП.

Институции, министерства, агенции, разно-разни управи, дирекции, управни одбори, општини… претседатели, потпретседатели, заменици претседатели… Сукалото му е мајката!

Во случајот со упадот во зградата на М-НАВ на аеродромот во Скопје прво директорите, поради неспособноста да раководат со една таква институција, сите до еден требаше и досега да се најдат надвор!

ОМЕРТА

Разрешени. Додуша, проблемот не беше во нивното разрешување. Тоа во принцип оди брзо, со еден потег.

Проблемот е многу потежок, покомплициран – КОИ? Кои да дојдат на нивните места, а?

Од која партија, па од која националност, па од кое крило на партиите од мнозинството… Па гледате, ВМРО-ДПМНЕ за две министерски места ја крена на нога целата партиска структура.

Медиумите вадат жешки костени само да откријат КОЈ ќе учествува во таа помочана Пржинска влада од само едно полугодие.

Лудило! Море не! Така изгледа добро организирана мафијашка држава.

Гледам по телевизииве вест дека полицијата на граничниот премин Блаце го фатила во бегство и го привела НАПАДНАТИОТ во тепачката при упадот на бандитите во контролата на летање.

Е, си реков, ова медиумиве ептен не знаат што пишуваат. Белки го фатиле НАПАЃАЧОТ кој се дал во бегство, како што е кај нас најнормално. Ама не!

Нападнатиот овој пат се дал во бегство! Дали доброволно или по наредба! А, кој ќе ги знае толку, до детали, методите на мафијата! ОМЕРТА!

Поврзани новости