Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјави дека има многу проблеми со изградбата на автопатот Охрид – Кичево, како и делницата Миладиновци – Штип. Сите проблеми се наведени во извештајот на ЈП за државни патишта, соопшти денеска во Охрид Сугарески.
„Тие проблеми најмногу се однесуваат на проектната документација која што не е во согласност со тоа што значи терен. Имаме нестабилност на косините, имаме сериозна бројка на објекти коишто се за дислоцирање, зборувам за електроенергетски објекти. Имаме проблеми поврзани со експропријацијата.
Правиме се што е во наша моќ, дел од овие проблеми да ги остраниме, за да застојот кој се појави, односно сериозното намалување на интензитетот на работа биде зголемен, се со цел колку толку да можеме да ги запазиме роковите дел од кои се веќе пробиени како изградбата на автопатот Миладиновци – Штип што требаше да биде готов на 1 мај оваа година“, рече Сугарески.
Изградбата на автопатот Охрид – Кичево беше прекината поради изместување на трасата. Кинеската компанија „Синохидро“ која го гради автопатот времено ги запре работите на автопатот. Серијата проблеми кои се јавија во изградбата на автопатот Кичево-Охрид ќе резултираат во дополнителни трошоци во вредност од околу 100 милиони евра.