Влегувам во најважната политичка битка во мојот живот, порача поранешниот пратеник, министер и директор Горан Сугарески, откако беше предложен за кандидат за градоначалник на Прилеп.
„Доаѓа време кога целото мое искуство, стекнато знаење и вештини, ги посветувам исклучиво на мојот роден град, на Прилеп и на прилепчани. Од денеска па натаму, се соочуваме со предизвикот на претстојните локални избори заедно да оствариме голема и сенародна победа, во која сите ќе се вградиме и со која ќе се гордееме“, напиша Сугарески на фејсбук.
Јавно се обврзувам, додаде тој, дека нема да делам, туку ќе обединувам.
„Дека немам предрасуди спрема никого. Дека ги препознавам и почитувам разликите. Дека искрено ја почитувам конкуренцијата и дека сум подготвен секоја добра идеја да ја интегрирам во мојата изборна Програма. Бидејќи мојата цел е да бидам градоначалник на, без исклучок, сите граѓани на општина Прилеп“, истакна Сугарески.