Недговорното работење предизвикало дополнителен трошок од 120 милиони евра, изјави денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески презентирајќи ја првичната анализа за состојбата на проектот за изградба на автопатот Кичево-Охрид.
При посета на делот од автопатот во изградба кај тунелот пред кичевски Извор, Сугарески информираше дека заради лошото планирање и изведба еден од најголемите проблеми кај земјените траси е појава на свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата. Оваа појава, како што рече, е најдрастична на патот Кичево – Пресека, односно од 12-иот до 18-иот километар. Причина за ова е изборот на несоодветната траса, како и тоа што нема извршено геолошко бушење на теренот и нема ревизија на проект.
Министерот за транспорт рече дека првично проектираните 29.828.637 милиони евра за тунелот се зголемиле повеќе од двојно, на 88.930.000 евра затоа што поради недостатоци во проектот од аспект на недоволни геотехнички и истражни работи во фазата на изведба се извршила промена на заштитната облога на тунелот во најтешка категорија.
-Од одговорните за надзор се побарани решенија и предлагано е да се измени проектот со проширување на ископот, односно со зголемување на ископ на земјените работи, но решението се одлагаше, а ваквото неодговорно работење предизвикува дополнителен трошок од 120 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните на Македонија, трошок кој го предизвика неодговорното и расипничко владеење на Никола Груевски, рече Сугарески.