Сугарески ги повика новинарите да прошетаат низ Македонија за да се уверат дека се гради како никогаш до сега

by fokus

Во 2019 година во патната инфраструктура ќе започнат со реализација 420 километри со вкупна вредност од околу 23 милиони евра, најави денеска Владата. Како што изјавија владините функционери во текот на 2019 година вкупно планирани и во тек ќе бидат проекти кои се протегаат на над 770 килoметри, а нивната вкупна вредност е околу 1 милијарда и 270 милиони евра.

Премиерот, Зоран Заев, вицепремиерот, Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески посочија дека Македонија е претворена во големо градилиште.

-Ова е најголем инвестициски циклус во историјата на патната инфраструктура. Во 2019 година во сите региони ќе се гради со полн капацитет затоа што инфраструктурата претставува крвоток на економската активност – рече Заев.

Тој најави дека автопатот Кичево-Охрид ќе продолжи да се гради со забрзано темпо, затоа што проблемите се надминати и затоа што е потпишан нов анекс на договорот.

Премирот додаде дека годинава ќе почне да се гради и патот Скопје-Блаце кој претставува конекција со Косово. Премирот рече дека со овој проект превозот до Приштина ќе се скрати на 45 минути.

Вицепремиерот Анѓушев рече дека во овој момент се градат патишта како никогаш до сега во државата, а Сугарески ги повика новинарите да прошетаат низ Македонија и да се уверат во тоа.

-Во моментов Македонија е огромно градилиште. Нема општина каде не се гради. Автопатот Миладиновци-Штип е завршен и се подготвува техничката документација за да биде пуштен во употреба. Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка е во тек, интензивно се гради на експресните патишта Штип-Кочани, Градско-Прилеп. Започна и рехабилитацијата на 12 регионални патни правци. Ве повикувам да прошетаме низ Македонија, тврдам никогаш во историјата на Македонија не се градело како сега – рече министерот.

Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, пак, рече дека со градежните активности на 40 патни правци може да се започне уште денес ако дозволуваат временските услови.

Поврзани новости