СУДСТВОТО ВО 2019 : „Че си лeжите“- заглави по судници

by fokus

Паузите на судењата и во 2019 година ги собираа на едно место обвинителите, обвинетите  и новинарите. Во кафулињата во близина на новата барокна зграда на Кривичниот суд, се бараше столица плус за да се здивне од секојдневните судски процеси. Најредовен во кафулињата беше началникот, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразунавање, Сашо Мијалков и неговото обезбедување.

Ако годината пред тоа имаше многу судски процеси, а малку правда, оваа година-2019 правдата полека, но сигурно се закопа. Амнестијата на премиерот, Зоран Заев за дел од учесницит во „крвавиот четврток“од крајот на 2018 година, како да се провлекуваше низ сите судски процеси кои се влечеа изминатава година. По амнестијата и предновогодишното пуштање од притвор на Мијалков и бизнисменот Орце Камчев, почнаа да се редат пресуди. Оној со кого премиерот ја договараше амнестијата, прв заврши зад решетки. На Денот на жената-8 март, поранешниот шеф на тајната полиција, беше осуден на три години затвор за изборни нерегуларности во предметот „Титаник 2“. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи доби две години затвор, а поранешниот член на Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими беше осуден на четири години затвор. По пресудата, на Мијалков, иако со мала затворска казна, веднаш му беше одреден притвор и беше однесен во Шутка.

Но новинарите никогаш не го видоа началникот со лисици на рацете. По оваа пресуда следуваа затворските казни за оние кои не беа помилувани за упадот во Собранието од 27 април. Судијката Добрила Кацарска го финишираше судскиот процес со казни затвор од 18 години за поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и за останатите над десет години затвор, со неколку исклучоци.

Почетокот на 2019 година во судот, за кратко ни даде надеж дека и покрај амнестијата, сите за кои има докази ќе завршат во затвор, но оваа надеж излезе дека  била лажна. Од десетици случаи на СЈО, единствено, во затвор завршија поранешниот помошник министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски и бизнисменот Сеад Кочан од кого единствено државата врати пари и го остави без ништо. Пресуда има и за поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но не е правосилна и со месеци чека највисокиот суд да ја преиспита. Кулминацијата се случи кога беше уапсена и во притвор заврши поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева на која сега и се суди за  случајот „Рекет“.

Обвинетите и обвинителите речиси секој ден беа во судот, а најредовни таму беа новинарите, некогаш и од утро до мрак, за да ѝ пренесат на јавноста што се случува во судниците како сведоци на историси судења, но не и толку историски пресуди.

Што „снимија“ новинарите во судница?

Балканска истражувачка репортерска мрежа БИРН, Васко Маглешов

„Рекет“ е несомнено предмет на деценијата. Толкав, природно очекуван висок и леплив медиумски интерес немало за ниту еден од предметите на сега веќе покојното СЈО. 2019 година секако ќе ја одбележи првата пресуда за ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков и останатите осудени во предметот „Титаник 2“, пресудата и високите казни за извршителите на упадот во Собранието од 27 април 2017 година, но и ослободителната пресуда за Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа во предметот „Тревник“.

Елена Ивановска Мукоска – Телевизија Телма

Измина уште една драматична година во судниците на Кривичниот суд. Календарот на судења секој ден беше исполнет со најмалку едно рочиште за предметите кои се во фокусот на јавноста. Покрај судењето за „Рекет“ кое не престанува да ја бранува, но и забавува јавноста, би го издвоила судењето за „Таргет Тврдина“ најбитниот предметот на СЈО за масовното прислување. Впечатливи беа сведочењата на свиркачите Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски кои детално образложуваа како се одвивала шемата на прислушување во УБК и како внимателно се изнесувале бомбите од Тврдината -УБК. Новинарите можеа да го слушнат и поранешниот шеф на тајната полиција Мијалков, како со жестина ги испрашува клучните сведоци со цел да ги диксредитира нивните сведочења а потоа и ги коментираше нивните одговори. Како бомба одекна и сведочењето на поранешниот разузнувач Зоран Верушевски кој за прислушуваните разговори рече дека претрпеле модификација. Со денови беше анализиран во јавноста па дури и лично премиерот во изјави за медиумите го дообјаснуваше.

Бојан Стојановски – Телевизија Алсат

Годинава ја одбележаа судења кои во најмала рака личеа на театар во кој обвинетите бараа само начин како да ги растегнат до бесконечност рочиштата. Мој впечаток е дека обвинетите во предметите на СЈО не сакаат да докажат невиност, секако со чест на исклучоци. Перцепцијата е дека се добро запознаени со процесните права, па во консултација со адвокатите обидот е првенствено рочиштето да се одложи. Секој пат се бараат начини како да се стигне до ова. Ако главен адут на обвинетите беа нелегалните прислушувани разговори и нивната легалност во постапките, обвинетите од СЈО годинава почнаа да се сомневаат и во објективноста на обвинителите од распаднатото СЈО, секако осоколени од случајот „Рекет“ и улогата во тој случај на Катица Јанева. За „Рекет“ има обвинение. Јанева одговара за неодговорното и разочарувачко постапување, но тоа не значи дека сите обвинители од СЈО се компромитирани како неа. За да направам паралела – на обвинителна клупа не се сите поранешни функционери на ВМРО – ДПМНЕ, па така не може да се генерализира дека ВМРО – ДПМНЕ е Никола Груевски, како што не може да се генерализира дека СЈО е Катица Јанева.

Дали Јустиција ќе ја остави терезијата и ќе се фати за метла?

Крајот на годината најверојатно ќе биде предвесник на она што ќе се случува идната година низ судниците. Апелација ја укина пресудата за Мијалков и ја врати на повторно судење, а обвинетите во ТНТ успеаа да го одложат судењето за по празниците. Ги сменија адвокатите, а главната битка за оспорување на одлуките на сегашниот судечки совет што го води овој случај, ја води Јовица Страшевски, новиот адвокат на поранешниот градоначалник, Тони Трајковски кој е обвинет во случајот.  Страшевски дури најави и кривични пријави ако во судечкиот совет продолжи да учествува поротничката која веќе има навршено 60 години и чиј мандат е истечен, иако судот тврди дека таа може да биде дел од советот, се додека Судскиот совет не констатира дека и завршил мандатот. Страшевски е адвокат од Гостивар, но тој сигурно не се најде во ТНТ случајно, иако вели дека во судот е само адвокат. Тој е не толку познат кадар на ВМРО-ДПМНЕ кој собра доволно потписи за да се кандидира за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, но сепак реши да не ги искористи и да го остави Христијан Мицкоски да биде единствен кандидат за претседател.

-Очекувам драмски интригантна правосудна година, не поради пресудите, за кои ми се чини дека ќе видиме и изненадувања, туку по најавите за ветинг или проверка во правосудството, што е насушно потребна „општествено-хигиенска“ дејност.Се надевам дека антлогиските празни флоскули за проверка во правосудството догодина конечно ќе почнат да се ефектуираат. Процесот мора да биде кредибилен, а треба да започне од обвинителствата. Таму има многу „штоф“ за проверка, но не само на имот, бидејќи тоа е најбенигната проверка, туку и на посредни и непосредни влијанија од разни центри на моќ. Може некој формално да го докаже целиот имот, а да е корумпиран и обратно. За една постапка да стигне до судски процес, првата мембрана е обвинителството.

Прашањето кое се наметнува е колку обвинителите се пропулзивни за влијанија, а исто така и судиите. Нефер е да се генерира целосен имиџ на недоврба во правосудството поради дваесетина луѓе. Проверката беспоговорно мора да ги опфати и Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Тие досега беа расипната каптажа преку која се пуштаа кадри без интегритет во правосудството. Тие две институции, со неколкумина исклучоци, се` уште за жал, се полнат со неподобни кадри. Едно е јасно, граѓаните очајно очекуваат брза, ефикасна и ефективна правда, а не кокетирање со влијанија. Јустиција догодина мора да ја остави терезијата и да се фати за метла, вели Маглешов.

И Ивановска-Мукоска очекува следната година да продолжи напнатоста во судниците, но и повеќе првостепени пресуди.

Првостепените пресуди нема да бидат изненадување, но изненадување би биле правосилните пресуди кои ќе го испишат натписот од шарената револуција „Че си лежите“, во судница.

Како и да е, не очекува уште една судска година! Но, да не се заборави дека е и изборна..

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости