Првиот тест за измените на Кривичниот законик ќе бидат денеска, за кога е закажано продолжение на судскиот предмет познат како „Титаник“. Таму првообвинет е екс премиерот Никола Груевски, а се суди за изборни нерегуларности.
Судијата по службена должност може да констатира застареност, а со тоа, Груевски да биде ослободен од понатамошно гонење за ова дело. Информација, може да достави обвинителот кој го води случајот, по која судот ќе треба да постапи. Со запирање на постапката, Груевски ќе добие право да биде обештетен и државата да му ги плати трошоците.
Рочиштата за вкупно 14 судски предмети кои ги отвори СЈО, но и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, може да донесат слобода за дел од обвинетите за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, според измените во КЗ.
Дел од останатите предмети се „ТНТ“, „Талир“, „Талир 2“, „Трезор“, „Тарифа“, „Топлик“, „Тендери“, „Титаник 2“, „Траекторија“, „Шпански скали“, „Таргет/Тврдина“.
Пратениците со измените на Кривичниот законик изгласаа за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања, каде досега казната беше најмалку три години затвор, сега да биде од една до 4 години затвор.
Ставот 5 од истиот член предвидуваше казна од најмалку 5 години затвор, а сега е избришан.
Во членот 394 за Злосторничко здружување, казната за основачот на групата е намалена од една до 10 години, на до 3 години, а за членовите од една до 5 години на до 2 години.
Со намалување на казните се отвора простор за брзо застарување на овие кривични дела, како и ослободување од одговорност на многу поранешни функционери за кои веќе се води постапка во различни фази.