Членови на УПОЗ од судската администрација од цела држава денеска протестираат во Скопје. Бараат зголемување на платите за 78 проценти и враќање на додатоците на плата.
Протестот почна пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, продолжи со краткотрајни собири пред Собранието и Министерството за правда, по што учесниците се упатија пред Владата.
„И да добиеме покачување од 78 проценти, никој од овие вработени нема да ја надмине просечната плата во државата (околу 36 илјади денари), само ќе се доближи до неа. Работата во судовите е тимска и доколку еден не си ја заврши работата, судијата нема да може да донесе пресуда“, изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Од 27 септември во штрајк се вработените во обвинителствата. И тие бараат зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто.
Штрајкот ќе трае сè додека не им се исполнат барањата.
Обвинителската администрација ќе работат само за предмети во кои има притвор, претрес или неодложни жалби. Вработените во правосудството останаа без пари за додатоци оти парите за тие намени отидоа за повисоки плати за судиите и обвинителите.
За следната недела се најавува и штрајк на вработените во државното Правобранителство.