По одлуката на Кривичниот суд, а во врска со притворот на Сашо Мијалков, Судскиот совет истакнува дека судската власт е независна и самостојна и не дејствува под политички влијанија.
„Имајќи го предвид јавниот интерес за одлуката на Кривичниот совет од Апелациониот суд Скопје во врска со притворот на обвинетиот С. М., Судскиот совет известува дека во согласност со член 2 од Законот за Судскиот совет, Советот ги обезбедува и ги гарантира самостојноста и независноста на судската власт, а според член 11 од Законот за судовите, судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз слободна оцена на доказите и дека се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект“, е истакнато во соопштението од оваа институција.
Судскиот совет укажува дека судската власт е независна и самостојна, а Советот е орган што постапува исклучиво според законот и не дејствува под политички влијанија, а тоа се однесува и за работата на судиите.
„Оттаму, врз основа на надлежностите, сите алатки што Советот ги има на располагање во оваа фаза, а со оглед дека судскиот предмет е активен, остануваат интерни за Советот. За секоја следна постапка или евентуална одлука Судскиот совет навремено ќе ја извести јавноста“, се вели во напишаниот допис.