Судијката Оља Ристова од Основниот кривичен суд Скопје преку допис до медиумите реагира на вчерашниот избор на судии во скопска Апелација. Таа наведува дека Судскиот совет не ја испочитувал ранг-листата и ги прескокнал повисоко рангираните кандидати без притоа соодветно да го образложи таквиот потег.
Ристова тврди дека по прво и второрангираните кандидати, судиите Лазар Нанев и Габриела Геориева, таа е трета на конечната ранг-листа, но дека е прворангирана судијка од Кривичниот суд Скопје, за кој вели дека е суд со најголем обем на сложени предмети. Судијката Ристова додава дека првите тројца рангирани кандидати имаат значителна предност од над 10 поени во однос на другите кандидати подолу на листата.
„Две и пол години траеше постапката за оценување на судии во Апелациониот суд Скопје под изговор дека судиите се оценуваат по најновата методологија и со почитување на критериумите на квалитет, со цел да се изберат највисоко рангираните кандидати. Мој заклучок е дека Советот се потруди новата методологија да ја приспособи кон старите навики, со цел да не бидат избрани најдобрите кандидати со тоа што старите навики и аномалии при изборот се денеска наградени со недобивање гласови по Бадентер, како систем на елиминација на најдобрите. Оваа пракса со неизбор на судија по принцип на Бадентер не смее да премине во пракса на Судскиот совет и да биде изговор за непочитување на ранг листата“, вели Ристова во реакцијата.
Таа рече дека вчерашната постапка за избор на судии во Апелација ќе ја обжали пред Врховниот суд по неколку основи, меѓу другото, и по основа на дискриминација по етничка припадност.
„Појаснувам дека јас бев избрана со мнозинство на гласови од членовите на Судскиот совет, но потоа повторно се гласаше по Бадентеровиот принцип. Од вкупно пет члена, три члена гласаа против за потоа да се донесе одлука дека не сум избрана. Во постапката по жалба ќе барам да се каже транспарентно, точно кои членови на Судскиот совет, од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, гласале против и кое е нивното образложение“ наведува Ристова.
Во текот на постапката по приговорите на дел од судиите, како што вели Ристова, без основ, надвор од деловникот, правилникот и усвоените ставови им биле уважени приговорите и „скокнале“ за десет места нагоре на листата.
„Од друга страна, на дел од судиите кои приговаравме дека воопшто не сме добиле бодови за наши ангажмани за менторство, предавања и изработка на образовни материјали за Академијата за судии и јавни обвинители, приговорите не ни беа уважени со образложение дека не ја признаваат издадената потврда од Академијата за судии и јавни обвинители, иако е официјално издаден документ“, посочува Ристова.
Според неа, на привилегираните кандидати, им било признаено доставување на документи и по утврдениот рок.
Ристова обвинува и за пристрасност на одредени членови на Судскиот совет за точно определени кандидати. Вели дека за „договорените“ кандидати се зборувало најдобро иако и други кандидати го имале истото портфолио. Од друга страна, вели дека други кандидати неосновано биле напаѓани, а за некои воопшто и немало произнесување за нивната работа како судии.
Судијката бара и да се изврши детална проверка на познавањето на странски јазик на сите кандидати кои поднеле сертификат, со цел да се потврди веродостојноста на сертификатите.
Реакцијата на судијката Оља Ристова следува по вчерашната седница на Судскиот совет на која Апелацискиот суд Скопје беше екипиран со осум нови судии по четворица од кривичната и граѓанската област.