Судскиот совет не ги исполни светите обврски, народот заслужува подобро, порача Агелер

by fokus

Судскиот совет не успеа во целост да ги исполни своите законски обврски, а тоа не е правдата што ја очекуваат граѓаните на оваа земја, изјави амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Прајс Агелер, во изјава за ТВ Алсат за случувањата во Судскиот совет и постапувањето на ова тело во однос на политичките притисоци врз Врховниот суд.

-Судскиот совет – теоретски независно тело – има клучна одговорност за назначување квалификувани судии и за дисциплинирање на оние што не ги исполнуваат највисоките стандарди. Мандатот на Советот е да обезбеди правилно и транспарентно функционирање на судството во оваа земја. Жал ми е што морам да кажам дека сме виделе малку докази што укажуваат дека овие свети должности се исполнети. Народот на оваа земја заслужува подобро, рече Агелер.

Агелер зборувајќи за застареноста на обвиненијата во случајот ТНТ рече дека очекува Апелацискиот суд да биде надлежен за исполнување на законските обврски.

-Не сум ја видела одлуката на Апелациониот суд за отфрлање на обвиненијата во случајот ТНТ, но внимателно ќе ја разгледаме, со надеж дека пресудата е транспарентна и во согласност со законот, рече Агелер.

Коментарите на Агелер доаѓаат неколку дена откако таа одржа работна средба со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која јавно ги осуди политичките притисоци врз неа и врз институцијата што ја води, особено по барањето за враќање на аболицијата од 2016 година.

Поврзани новости