Судскиот совет ќе расправа за евентуално одземање на имунитетот на Теофиловски

by Fokus

Со двајца адвокати актуелниот член на Судскиот совет, Зоран Теофиловски, кого полицијата го бараше поради сомневања за злоупотреба на функцијата во општина Тетово, утринава самоволно се пријавил во Кривичниот суд. Но, распитот не се одржа, бидејќи тој се повикал на судскиот имунитет, кој го има од 2007 година кога стана судија во гостиварскиот Апелационен суд, потврдуваат обвинителството и судот.

„Во однос на новонастанатaта ситуација, согласно одредбите од Законот за кривична постапка, судот со писмо го извести Судскиот совет на РСМ како надлежен орган и ја одложи седницата за произнесување во однос на предлогот за притвор до конечна одлука на советот“, соопштија од Основниот кривичен суд.

По една година во Судскиот совет, сега колегите – членови на Теофиловски ќе треба да одлучат за неговиот имунитет. За да му биде одземен треба да се согласат најмалку седум од нив и тоа во следниве 24 часа. Тој е главен осомничен во Обвинителството за организиран криминал и корупција за малверзации со приватизација на државно земјиште.

Во Тетово иницирал легализација на објект што не постоел, а општинарите потврдиле. Вчера пред судија на претходна постапка беа петмина за кои обвинителството бараше притвор, но судот за четворица одреди домашен притвор, додека за еден мерки за претпазливост.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ценејќи дека со вчера определените мерки за куќен притвор и мерки на претпазливост се поттикнуваат сторителите на кривичните дела и понатаму да извршуваат кривични дела, до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје достави жалби по решенијата на судијата на претходна постапка“, велат од ОЈО.

Осомничените се товарат за злоупотреба на службената положба и според обвинителството, буџетот го оштетиле за 860.000 евра.

Поврзани новости