Ќе се активира Судскиот совет за да го истражи тврдењето на американскиот амбасадор Џес Бејли дека судии се повикувале на него, кога носеле одлуки за притвори или пресуди на лица против кои се водат судски процеси.
Бејли испрати писмо до претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, во кое бара судии да не ја посочуваат Амбасадата на САД за одговорна за одлуките што тие ги носат за притворите и пресудите.
-Во изминативе седмици, на моите колеги и мене во повеќе наврати ни беше кажано дека судии, наводно, припишувале одлуки донесени во тековни судски предмети, истраги и притвори на „инструкции од Американците“. Ништо не би можело да биде подалеку од вистината. Соединетите Држави поддржуваат и се залагаат за независност на македонското судство. Ние веруваме дека судиите треба да носат одлуки врз основа на важечките закони и дозволени докази, а не врз основа на какви било политички проценки или интервенциии од некоја политичка или владина личност. Тоа е наша конзистентна порака, јавно и приватно, вели тој во писмото.
Бејли во писмото со датум од 18 декември вели дека програмите на САД за обука и менторство биле дизајнирани за да ги унапредат професионалните вештини и отпорност на македонските судии со цел тие да можат да издржат надворешен притисок и да носат независни, издржани одлуки. Нагласува дека каква било сугестија дека САД сакаат да управуваат со некоја судска разрешница е лажна.
-Длабоко сум вознемирен од ваквите постојани лажни гласини, со оглед на нашата посветеност за независно судство. Со цел да помогнете да се разобличат ваквите лажни наводи, Ве молам да ја споделите содржината на ова писмо со Вашите колеги судии со цел тие да се уверат дека нашата позиција е и ќе остане иста, а тоа е дека тие се независни во применувањето на законот и дека ништо друго освен фактите и законот не треба да влијае на нивните одлуки, се наведува во писмото на Бејли до Џолев.
Премиерот Зоран Заев вчера од собраниската говорница каде се одржуваше седница за пратенички прашања истакна дека на министерката за правда Рената Дескоска ќи и даде инструкции да го активира Судскиот совет да го истражи ова прашање.
– Судскиот совет сигурно ќе донесе одлука. Ако имало таква работа, да се посочи и да се понесе одговорност. Ако немало, САД да бидат на чисто, преку својот прв репрезент, американскиот амбасадор, бидејќи кога зборува амбасадорот, зборува земјата. Тоа е доволен сигнал да преземеме одредени дејствија и анализи за да видиме што е во суштина причината да дојде до такво писмо, рече Заев.
Тој веќе му наложил на неговиот советник за надворешна политика Дане Талески да контактира со заменик американскиот амбасадор.