Судскиот совет ја запре постапката за одговорност против Беса Адеми

by Fokus

Членовите на Судскиот совет со седум гласа „за“ и четири против ја запреа постапката за одговорност против претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми што ја поднесе членот на советот, Миљазим Мустафа откако таа преку медиумите обелодени дека судиите во Врховниот суд се соочуваат со притисоци за оживување на аболицијата на поранешниот претседател, Ѓорге Иванов.

Пред гласањето имаше неколкучасовна дискусија, најголем дел од членовите беа на ставот дека постапката треба да се запре, но имаше и членови кои тврдеа дека Адеми треба да се казни барем со укор.

Најгласна во барањата беше поранешната адвокатка, Тања Чачарова Илиевска избрана од Собранието од редот на истакнатите правници која му била советничка на поранешниот премиер, Зоран Заев.

– Мојот став е дека се сторени сериозно повреди, во конкретниов случај се и опишани доволно јасно и дека постапувајќи во случајов спротивно на Законот за Судски совет е направена повреда од страна на претседателот на Врховен суд, односно ги пречекорила и повредила законските овластувања, рече таа и кажа дека нема да гласа за запирање на постапката.

Лорета Георгиевска посочи дека одговорноста за поведувањето на иницијативата треба да ја понесат сите членови и, како што рече, со појавувањето на претседателката на Врховен суд на една од седниците веднаш по иницијативата, се утврдило дека можело и поинаку.

Селим Адеми кој беше на чело на незаконската смена на старо-новата претседателка, Весна Дамева тврдеше дека по непојавувањето на Адеми сите членови биле револтирани од неодзвивањето на Адеми на средба со тогашниот претседател, Сашко Георгиев и дека дури тој бил најблаг кон Адеми.

Тој сакаше да каже дека иако сите членови тогаш биле револтирани денеска ретерирале, но Дамева му посочи дека грешката била направена кога следниот ден, членот Миљазим, Мустафа поднел барање за одговорност.

Според Дамева причините за недоаѓање на Адеми се оправдани, затоа што, како што рече, тие тоа го оправдале.
– Причините се оправдани затоа што ние тоа сме го оправдале. Нема нотирано на записници дека не е оправдано, немаме барано навремено докази, рече таа.

Таа рече дека смета дека изјавата за притисоци што Адеми ја даде во новинарско интервју е само начин да се заштити себе си и посочи дека ќе гласа за запирање на постапката.

Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, се вклучи во работата на Судски совет со нејзиното присуство и учество на 472 седница одржана на 11 јануари. Ова следуваше по јавната седница што се одржа на крајот од декември лани, кога Судскиот совет одржа расправа за иницијативата поднесена од членот на Советот, Миљазим Мустафа, за утврдување одговорност на Адеми.

По однос на расправата за двете точки од иницијативата, за непојавувањето на седници на Судскиот совет на Адеми без да даде соодветни докази, како и интервјуто во кое зборува за политички притисоци, беше посочено дека со неприсуството на седниците на Судскиот совет таа покажала професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамки на правосудниот систем. Според Адеми, пак, сите случувања во Судскиот совет биле демотивирачки од професионален аспект.

На расправата, Мустафа побара одлука со која ќе се утврди нејзина одговорност и разрешување. Од друга страна, одбраната на претседателката на Врховниот суд ги оцени наводите како неосновани и побара одлука со која постапката ќе запре.

Поврзани новости