Текстот е објавен на 25-ти октомври 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 942
Адвокатот Звонко Давидовиќ, на двапати успеа да ја докаже невиноста на браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски, обвинети за платено убиство во случајот „Ореше“. Додека е исправен пред „трета мајка“, го застапува првообвинетиот во случајот „Фаланга 2“, а истовремено се јавува и како сведок во актуелниот случај „Ликвидација“!
ФОКУС Новинарот Томислав Кежаровски, со првостепена пресуда е осуден на казна затвор од 4 години и 6 месеци во случајот „Ликвидација“. Дали ве изненади оваа казна бидејќи, иако не сте вклучен во одбраната, сте запознаен со случајот во кој учествувавте како сведок?
ДАВИДОВИЌ Да, изненаден сум бидејќи искрено не очекував осудителна пресуда. Навистина нема докази за овој судски случај. Првично, шокот е од пресудата за новинарот Кежаровски. Тој не направил никакво кривично дело. Не го открил идентитетот на заштитениот сведок, кој кон крајот на 2008 година стана загрозен сведок, а дури во 2010 година стана заштитен сведок.
И сега се поставува прашањето: зошто го заштитувале неговиот идентитет и неговата сигурност и безбедност, ако, наводно, уште пред да стане заштитен, бил откриен!? Целава работа нема логика. Зошто се чекаше пет години, а не се покрена истрага против новинарот во мигот кога наводно го сторил кривичното дело?
Кежаровски ја доби казната зашто судството, па и Министерството за правда не знаеја како да постапуваат со заштитени сведоци. Не можете нешто што е тајно да го користите како доказ за еден куп луѓе, а и понатаму да остане во тајност. Судот побара документи кога заштитениот сведок станал заштитен, кога загрозен, а од Одделението за работа со заштитени сведоци кажаа дека нема да ги достават зашто станува збор за тајни документи! И тука сѐ се завршува експресно под превезот на голема тајност!
ФОКУС Дали е нормално или е вообичаена практика четврто и петтообвинетиот да добијат повисока казна од првообвинетиот, како што се случи во пресудата за „Ликвидација“?
ДАВИДОВИЌ Не, не е нормално, но заканувачките казни за оддавање идентитет на заштитен сведок се: минимум четири години ако настанат штети и последици; закана по неговиот живот и тело − најмалку осум; и ако настане смрт на заштитениот сведок, може да се изрече казна затвор од дури 15 години.
Па, затоа, најверојатно судот морал да се држи до рамките на казната што ги предвидува законот. Но, како што знаеме и гледаме, заштитениот сведок е жив и здрав, и никогаш не се пожалил дека текстот кој го напишал Кежаровски му нанел некаква штета или проблем. Па, оттука, се поставува прашањето: на што се заснова и поткрепува изречената казна!?
ФОКУС Дали е коинциденција или, пак, има некоја скриена намера, тоа што во ист ден и до минута се поклопи изрекувањето на пресудата за „Ликвидација“ и јавната расправа во Апелација за случајот „Ореше“, со која треба да се пресече дали ќе се потврдат ослободителните пресуди за браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски или предметот по третпат ќе се врати на повторно одлучување?
ДАВИДОВИЌ Навистина не знам. Сепак, е многу чудно што во ист термин се поклопија двете судења. Ќе згрешат ако ги поврзат двата случаја и ако дозволат осудителните пресуди да имаат некакво влијание врз случајот „Ореше“ бидејќи ние на јавната седница, по третпат, им објаснивме една работа. Апсолутно не постојат никакви докази за вина на моите клиенти. На самото место на убиството се најдени две чаури, три животински влакна, едно догорче од цигара и четири траги.
Во текот на полициската постапката, во 2005 година, се утврди дека трагите се од Кољо Вељановски, сопственик на земјиштето, два пара траги одговараат на неговите чизми. Еден пар траги од неговиот син и еден пар траги од комшијата, кој му помагал да товари дрва. Догорчето е со женска крвна група, нулта, а моите клиенти имаат А позитив. И двете чаури се од оружје, кое можеби одговара на калашников.
Но, оружје не е најдено. Во мигот кога е случен настанот, триесет луѓе се приведени, меѓу другите и моите клиенти. Земена им е облеката и обувките и направена е парафинска ракавица. Нема никакви честички на облеката, барут. Нема никакви докази, а не, пак, трансакциска сметка по која би ги добиле парите од Америка за да го извршат наводното платено убиство.
Ова кривично дело е сериозна работа. Ние се лутевме кога судијата на двапати на браќата им изрече по дванаесет години затвор. Тоа е алиби-пресуда. За ова дело пресудата може да биде или ослободителна, или доживотна. Тоа е предмет во кој нема средина.ОБВИНЕНИЈАТА СЕ ПОДНЕСУВААТ СЕЛЕКТИВНО
ФОКУС Заштитениот сведок „Бреза“, кој подоцна самиот си го откри идентитетот и сведочеше како Златко Арсовски, обвини дека му бил вршен притисок лажно да сведочи против обвинетите браќа. Нели треба да се поведе истрага за неговото обвинување?
ДАВИДОВИЌ Постои едно писмо од американската амбасада, кое најмногу кажува за овој случај. Кога се бараше екстрадиција на Ѓоре Петревски, од амбасадата побараа да се достави белешка од комуникацијата на првообвинетиот и браќата, нешто што го нема. Потоа бараа да се достави доказ за протокот на пари бидејќи првото обвинение беше дека убиството е извршено за 50.000 долари, па потоа намалија на 20.000 долари.
Но, и таков доказ не постои. Третата работа беше да посочат листа на сведоци кои се сослушани, кои, пак, на свој трошок Американците ќе ги сослушаат, независно. И четвртото барање беше од заштитениот сведок да се обезбеди изјава во прво лице еднина. Односно, да каже што тој лично видел зашто во неговата изјава стоеше дека му кажале, дека му се јавиле. За на крајот да финишира дека инспектори го притискале, му се заканувале по неговото дете.
Исто така, кажа дека Вељо Арсовски, озвучен и со камера, влегол кај него во затвор, што не е дозволиво бидејќи не му е роднина. Дури и призна дека една недела, наместо во затвор, бил на одмор со неговото семејство во Охрид. Понатаму, земан е од затвор кога ќе им текнело на инспекторите, а судечкиот судија и истражниот судија, кои го ставиле во притвор, ништо не знаеле. И сега, наеднаш, немате одговорност ниту на инспекторите, ниту на директорите на затворите. Треба против нив да се покрене истрага.
Требаше да одговараат и овластените службени лица од Одделението за работа со заштитени сведоци, но ниту тие не одговараа. Чуден е целиот случај и можеби тука се прекршува целото наше судство бидејќи на едно место ги покажа сите слабости. Новинарот, наместо да е награден бидејќи ја открил целата местенка, е казнет. А, тој што го натерал сведокот лажно да сведочи е на слобода. Тоа не е во ред.
ФОКУС Вклучен сте во одбраната и на актуелниот судски случај „Фаланга 2“. Дали сметате дека на обвинителната клупа, покрај Паско Кузман и другите вработени во Управата за заштита на културното наследство, треба да седнат и одговорни од МВР и Бирото за јавна безбедност бидејќи, според изјавите на обвинетите, овие структури цело време знаеле дека се копа, дека се бара злато, и на увид ја имале целата документација. Дали тоа што не реагирале навреме ги прави сооучесници, доколку навистина постои криминал?
ДАВИДОВИЌ Јас тоа и го кажав во една изјава. Ние за сведоци ќе повикаме и припадници од МВР. Но, по исказите на обвинетите очигледно е дека за секое копање знаеле од МВР и од Бирото за јавна безбедност, па дури и давале асистенција. Чудна работа е да доставите фактура за асистенцијата, која ви ја платиле, а по три години да кажете дека незаконски сте платиле. А, вие сте барале да ви се плати! Истата ситуација како во „Ликвидација“. Инспектори од МВР кои беа во Одделението за работа со заштита на сведоци не се на обвинителна клупа, истото е и овде. Потполно истото. Некако, како селективно да се спроведува целата работа.
ФОКУС Во јавноста се шпекулира дека, сепак, во „борбата за златото“ ќе падне и една голема ѕверка, чие апсење е оставено за некој погоден термин. Дали се навестува проширување на истрагата?
ДАВИДОВИЌ И до мене допреле овие шпекулации, но официјално засега нема ништо. Во моментот сме во фаза на доказната постапка, при што сослушуваме сведоци.ЕРОЗИЈА НА СУДСТВОТО
ФОКУС На рочиштата на „Фаланга 2“ се доби впечаток дека приоритет на обвинителството и судот не е да се утврди препродавање на артефакти, туку сите се интересираат за златото што се бараше во Делчевско и во Велешко?
ДАВИДОВИЌ Она што им беше одземено на моите клиенти во случајот „Фаланга“, веднаш им беше вратено. Зашто не станува збор за оригинали, за артефакти, туку за копии кои Музејот ги прави и ги продава. Не ги видовме ниту штитовите, ниту копјата, кои наводно ги препродавале, ниту, пак, златото, за кое на големо се зборува.
ФОКУС Дали се сомневате дека и зад овој случај постои некој скриен интерес или задна намера?
ДАВИДОВИЌ Често во јавноста се шпекулира, а и до нас стигнуваат тие гласини, дека зад одредени предмети се крие сосема нешто друго. Не знам, можеби. Честопати се зборува и за притисок врз судството. Многупати сум кажал дека не постои извршна власт која не сака да стави рака врз судството. Сите сакаат да имаат влијание врз судството. Но, судиите се тие што можат да го дозволат тоа, или не.
Во ситуација кога имате Судски совет составен од судии, кои самите ги избираат судиите − многу мал број предлагаат претседателот на државата и Собранието − и кога имаат траен мандат и свој буџет, зошто воопшто да подлегнат на притисок? Најголемата вина е кај судиите. Самите можат да одбијат и да пресудат според доказите и совеста. Аномалијата е тоа што Судскиот совет избрал судии што немаат кредибилитет. Кои немаат храброст. Има многу малку судски одлуки од кои можеме да учиме.
ФОКУС Според вашето долгогодишно искуство, како би ја опишале моменталната состојба во која се наоѓа судството?
ДАВИДОВИЌ Постои комплетна ерозија на судството, јас тоа упорно го кажувам. Судството е во една чудна ситуација. Сѐ што ќе предложи обвинителот, се уважува како по шаблон. Ќе предложи притвор, веднаш се носи решение за притвор. Сѐ што ќе се подигне како обвинение мора да има осудителна пресуда, па макар и условна казна.
Во судството треба да се направи голем рез, коренита промена, зашто судството ги изгуби сите атрибути на власт. И немаат повеќе кредибилитет затоа што секоја одлука што ја носат се оспорува и се коментира. Постои големо незадоволство. Некако обвинителството му наметна на судот обвинителски став, а тој го изгуби својот.
Се потрошија огромни средства за обуки, а ситуацијата не е променета. Судиите треба да сфатат дека не станува збор за премерување на кило сирење, дали било 900 грама или еден килограм, туку станува збор за човечки судбини.
ФОКУС Дали адвокатите се ставени во подредена положба бидејќи практиката покажува дека речиси секогаш се одбиваат вашите приговори, а збор добивате дури на завршните зборови?
ДАВИДОВИЌ Со сегашниот закон, обвинителот ги има сите докази, а одбраната нема ниту еден. Обвинителот предлага притвор и основано сомневање со куп докази, прислушувања и други документи. Во мигот кога обвинетиот го дава исказот, одбраната сѐ уште ги нема доказите, ниту ѝ се предочуваат. Се одредува притвор, а обвинетиот останува таму неколку месеци, а некогаш и година до две.
Почнува судењето. Се доставува обвинителен акт до судот. Судијата го добива обвинителниот акт со куп докази, а одбраната уште ги нема. Судијата ги гледа, ги чита. Тоа е притисок на обвинителството врз судот. Затоа што судијата е бомбардиран од информациите и доказите што ги има обвинителот, а одбраната не ја ни слуша. Почнува судењето со читање на обвинителен акт и исказ на обвинетиот.
Одбраната повторно мирува. Се изведуваат докази, како, на пример, телефонскиот број ѕвонел на друг телефонски број и толку. Обвинителот нема да објасни што значи тоа. Завршува доказната постапка и поминуваат месеци, по што судијата веќе е убеден во она што го тврди обвинителот. Следуваат завршни зборови кои судијата не ги ни слуша. ПИМ-МЕРКИТЕ СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВААТ
ФОКУС Дали МВР ги злоупотребува посебните истражни мерки (ПИМ), врз кои најчесто, доколку на располагање се нема заштитен сведок, се кројат пресудите?
ДАВИДОВИЌ Честопати одбраната не ја гледа наредбата за ПИМ-мерките. Наредбата е покриена со „државна тајна“ или „строго доверливо“. Дел од адвокатите немаат сертификат за доверливи документи, па затоа судот и воопшто не ги покажува. Па, така, не може да се види дали наредбата е законска, дали во мигот кога е издадена постоело основано сомневање за таков чекор.
Според Законот за кривична постапка, ако за едно лице се водат ПИМ-мерки, тие може да траат седум месеци. Во мигот кога ќе завршат ПИМ-мерките, треба да се процени дали има кривично дело или нема. Ако нема кривично дело, обвинителот е должен сите документи да ги уништи, а не да ги чува со години. Ако ПИМ-мерките ги чуваш пет години е веќе опасно.
И самиот бев предмет на ПИМ-мерките во „Ликвидација“, кои биле прибавени пред неколку години. Недозволиво е такви ПИМ-мерки да се чуваат во фиока, со што се нарушува приватноста и интимата на кој било човек. И не знаете дека постојат, а тие може да ги употребат кога сакаат.
Тоа што е проблем кај овие мерки е тоа што честопати се работи само за видео, без тон. Гледате двајца или тројца од обвинетите како седат. Од каде знаете за што разговараат? Едноставно, на тој начин обвинителството врши влијание врз судот, убедувајќи го дека постои злосторничко здружување бидејќи обвинетите се среќавале.
ФОКУС Дали сметате дека МВР ја прекршува пресумпцијата на невиност на осомничените објавувајќи ги јавно нивните идентитети и апсења?
ДАВИДОВИЌ Судството и обвинителството ни забележуваат нам, адвокатите, кога јавно излегуваме и ги кажуваме работите, додека МВР и обвинителството, уште пред да почне постапката, во преткривична постапка, објавуваат снимки при претрес, кои се за интерна употреба, со што однапред те жигосуваат, што не е во ред.
МВР честопати излегува со соопштение дека се фатени убијците или, во случајот со „Ореше“, дека се пронајдени платените убијци, што е недозволиво. Штом имате снимка од спектакуларно апсење, како се врши претресот, веќе се влијае врз јавноста.
Во нормалните земји не е можно да видите такво видео и најчесто не се коментираат судските пресуди. Но, за жал, ние како одбрана сме принудени да го правиме тоа, затоа што во старт МВР прв ги покажува снимките. Судот е бомбардиран од МВР и од обвинителството, па затоа и мораме барем да направиме некаква рамнотежа.
Застрашувачки
РЕШЕНИЈАТА ЗА ПРИТВОР СЕ СПОРЕД ИСТ ТЕРК!
ФОКУС Дали со оглед на висината на казната за Кежаровски, од 4 години и 6 месеци, до правосилноста на пресудата можеше да му се дозволи да се брани од слобода или да му се изрече некоја од алтернативните мерки, наместо притвор?
ДАВИДОВИЌ Секако дека можеше да се пушти во домашен притвор, да му се одземе пасошот, па дури и да му се дозволи да се брани од слобода. Ништо немаше да биде спорно бидејќи членот од ЗКП, според кој притворот е задолжителен кај високите казни, е одамна укинат. Сега, за секој конкретен случај може да се реши дали ќе има притвор или не. Застрашувачки е тоа што решенијата за притвор се прават по еден терк. Ако земеш две различни решенија, нема шанси да погодиш на кој предмет се однесуваат. Подеднакво се исти, а тоа е недозволиво. Секој предмет е посебен. Мора да се процени индивидуално.
Монтирана приказна
ОБВИНЕНИЈАТА СЕ РЕКЛА-КАЖАЛА!
ФОКУС Во последно време, голем број од судските случаи се оценуваат како политички мотивирани. Дали оцената е оправдана?
ДАВИДОВИЌ Ако се суди врз основа на докази, нема да има такви сомнежи. Ако се симне превезот на тајност од некои работи, ако правилно се употребуваат ПИМ-мерките, а не да бидат исклучиво средство, ако се дадат и други докази, нема да се доаѓа во ваква ситуација. Трагедија е што луѓето одговараат и лежат во затвор, а за тоа нема докази. Нема правна сигурност, односно да бидеш сигурен дека ако те осудат, пресудата ќе биде заснована на докази. Обвиненијата се рекла-кажала. Едноставно кажано, се прави или се монтира приказна!