Судскиот Совет го спаси од притвор Зoран Теoфиловски

by Fokus

Судиите од Судскиот совет го спасија од притвор нивниот колега Зоран Теофиловски. Му го одзедоа судскиот имунитет, но застанаа против барањето на обвинителката Русковска, тој да оди во притвор.

„Судскиот совет на денешната седница донесе Решение со кое го одзеде имунитет на член на Советот заради непречено водење на кривичната постапка и донесе Решение со кое не го одобри барањето за определување на мерка притвор за член на Советот, поднесено од страна на судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје“.- соопшти Судскиот совет.

Откако Теофиловски вчера цел ден не беше достапен за органите на прогонот утринава сам се пријавил на распит во Кривичен, но се повикал на имунитетот кој го има од 2007 година, кога станал судија во гостиварскиот Апелационен суд.

Тој е главен осомничен од вкупно 8-те мина за злоупотреба на службената положба кои обвинителството за организиран криминал ги товари дека со незаконска легализација и приватизација на државно земјиште го оштетиле буџетот за 860 илјади евра.

Од Кривичен, кој експресно денеска по појавувањето на распит на Теофиловски побара одземање на иминутетот од Судскиот Совет, велат ќе постапат по мислењето  на Судскиот Совет.

„Секако дека Судскиот совет е најглавен.Тоа значи дека ќе се води истрага, а за притворот нема да се одлучува, односно кога судот ќе ја добие одлуката од Судскиот Совет ќе постапи по нивните напатствија“- велат од Кривичен.

Обвинителството го товари Теофиловски дека како  претседател на поранешното Тениско спортско здружение Љуботен Тетово со осомничените вработени во општината Тетово направиле незаконска легализација на објект и приватизација на државно земјиште. По цена од 43 евра за метар квадратен било откупено земјиште од над 4.400 метри квадратни.

Вчера судот од петтемина приведени пред судија на претходна постапка на четворица им одреди мерка куќен притвор, а на петтиот мерки за претпазливост. На ова обвинителството возврати со жалба и побара притвор за сите, со образложение дека овие поблаги мерки се поттикнуваат сторителите на кривичните дела и понатаму да извршуваат.

 

Поврзани новости