Судскиот совет со 8 гласа ЗА одлучи да биде јавна седницата на која ќе се одлучува по иницијативата за дисциплинска одговорност на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми. Таа побара јавноста да може да ја следи седницата в петок.
Според Законот за Судски совет постапката за утврдување на одговорност на судија е од доверлив карактер и се води без присуство на јавноста, но судијката Адеми неодамна најави дека ќе го искористи правото да побара новинарите и камерите да бидат присутни на седницата.
Пред еден месец Адеми во интервју се пожали дека највисокиот суд во државава со кој раководи се соочува со политички притисоци, а судиите со закани за разрешување и креирање на лажни вести во врска со обидите за оживување на аболицијата на поранешниот претседател Иванов.