Судскиот совет го известил обвинителот Јовески за предметите кои биле чувани во фиока кај Вангеловски

by fokus

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, вели дека ја известиле Антикорупциската комисија, но и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, за предметите кои биле најдени во фиока кај поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

-Предметите од Врховниот суд в.д.претседателот ги има распределено на судиите кои работат во тој оддел. Ние добивме информација од негова страна дека се пронајдени предмети и веќе тоа го пуштивме во процедура. Истовремено ја известивме Антикорупциска, а го известивме и јавниот обвинител на Република Северна Македонија, рече Здравев.

На прашањето на новинарите, зошто е известена Антикорупциска, Здравев рече:

-Па можеби ќе најде нешто што е во надлежност на Антикорупциска. Сигурно дека и ние нешто ќе превземеме. Прво очекуваме тоа да го направи в.д. претседателот на Врховниот суд, како што е редот, меѓутоа, ако тој тоа не го направи ние ќе преземеме конкретни мерки. Мерки за поднесување на барање за утврдување на одговорност, други мерки ние не можеме да превземеме. Затоа испративме до овие две институции, додаде Здравев.

Тој појасни и кои се правата кои е веројатно дека им биле повредени на странките чии предмети биле во фиока.

-Правата во однос на судење во разумен рок, долго време траела постапката, предметите се задржани, а дали основано или не, тоа треба да го каже в.д. претседателот. Повредени се правата на итно, брзо постапување, согласно принципот за судење во разумен рок, истакна Здравев.

 

Поврзани новости