Вкупно четири соопштенија објави Судскиот совет за неколку часа и на брзина ја извести јавноста дека зад затворени врати донеле неколку одлуки.
По контроверзното разрешување и караниците од минатата недела, судскиот совет едногласно ја исклучи јавноста и прво донел одлука со која вон сила го ставил решението на Судскиот совет со кое Дамева се разрешува од функцијата претседател на Судскиот совет.
Односно сами си ја поништија одлуката која ја донесоа со седум гласа „за“ разрешување на Дамева.
Потоа на друга седница на која исто така едногласно ја исклучиле јавноста ја разрешиле повторно Дамева, овој пат со девет гласа „за“ од функцијата Претседател на Судскиот совет.
Заменик претседателот Селим Адеми, кој беше предводник на „пучистите“, на истата седница си дал оставка од функцијата заменик претседател на Судскиот совет.
Оставката е со одложно дејство до избор на нов претседател на Судскиот совет, објавување на одлуката за избор во Службен весник на РСМ и негово запишување во Централен регистар за овластен потписник на сите акти и сметки на Советот.
Единствено јавна беше седницата на којашто беше избран новиот претседател на Советот, Сашко Георгиев. Тој бил избран со осум гласа „за“, а на седницата не присуствувала Весна Дамева.
Членовите на советот Мирјана Радевска Стефкова, Зоран Герасимоски, Ивица Николовски и Мери Радевска, без да образложуваат кажаа дека „принципиелно гласале против” бидејќи, како што посочија Сашко Георгиев гласал за разрешувањето и со тоа и самиот придонел за состојбата во која се најде Судскиот совет.
Клучниот глас „за“ Георгиев, како што јави Телма, го дала, Тања Чачарова Илиева која го изготви извештајот за пропустите што беа направени во Апелацискиот суд и констатитраше дека судијата Енвер Беџети, чие разрешување се споменуваше како причина за скандалот во Судскиот совет, со месеци неоправдано го чувал во фиока предметот за масовното прислушување, во кој е обвинет поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Весна Дамева беше разрешена неочекувано минатата среда на јавна седница на Судскиот совет, Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер.
Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот за остратнување на Дамева од претседателското место.
Дамева, која по гласањето за нејзино разрешување обвини дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката ја оцени како противзаконска и донесена „за да се задоволат одредени поединци од политиката“, произнесувајќи се за предлогот за одлагање на седницата, рече дека се надева оти во наредните денови ќе има доволно време да се види дали ќе се обезбеди потребното мнозинство за да се легализира, како што наведе, нејзиното незаконско разрешување.
Разрешувањето на Дамева и случувањата во Судскиот совет предизвикаа бројни реакции во јавноста, а правите експерти го оценија како нелигитимно.