Кога имаме претставки од профил на некои укажувања, односно наводи дека станува збор за коруптивни дејствија или елементи за такви сомнежи, без разлика дали е анонимна или од некое лице, пракса на Судскиот совет е дека по постапувањето на вакви претставки, и по произнесувањето на колегите членови на Советот, таквите претставки се проследуваат до Обвинителство заради нивно постапување за евентуални дополнителни истраги или слични состојби, испитување пред сѐ, изјави денеска претседателот на Судскиот Совет Сашко Георгиев.
На новинарско прашање во однос на наводи изнесени во емисијата КОД, пред денешната седница на Советот, претседателот изјави дека тоа не е единствената претставка.
– Вообичаено, кога има такви претставки ги проследуваме до Обвинителството и кога потоа, по нивно постапување добиваме одговор што презеле, дали презеле нешто конкретно или евентуално по нивното испитување ги затвараат таквите случаи, тоа е вообичаено, изјави тој.
Дополни дека Советот постапува, како што рече, длабински и темелно за сите претставки.
– Го испитува сето тоа, но и покрај таквото испитување, повторно не само за оваа, генерално зборувам за сите претставки од таква содржина, значи доаѓа до некаков заклучок. Од тој заклучок се презентира јавно на седница каква е состојбата во претставката, а потоа во секој случај кога имаме вакви содржини за коруптивни настани или некој таков сомнеж ги доставуваме до Обвинителството како надлежни институции да го испитаат тој случај, дополни Георгиев.