Судски совет: Вчера не беше извршен претрес во просториите на Советот, одговоривме на барањето на обвинителството

by fokus

Откако вчера, припадници на МВР влегоа во Судскиот совет, по наредба на Обвинителството, за да обезбедат два записници, од советот денеска излегоа со појаснување дека не бил извршен претрес.

-Судскиот совет на Република Северна Македонија по повод пласираните информации во јавноста за наводен „извршен претрес“ во просториите на Советот во текот и по завршувањето на работното време, ја информира јавноста за следното:

По примени писмени барања на ОЈО Скопје, Судскиот совет на РСМ постапи по истите.

Нагласуваме дека не е издадена наредба за претрес, ниту е извршен претрес во просториите на Судскиот совет на РСМ.

Советот соработува и ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи и институции во државата водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство и се оградува од било какви влијанија и притисоци одвнатре и однадвор, а со цел заштита на независноста и интегритетот на судството, велат од Судскиот совет.

Како што вчера објави ,,Фокус”, постапувањето на обвинителството во советот следува по известување од МВР во кое е побарана наредба за обезбедување записници од седница на Судски совет во врска со мандатот на претседателката Весна Дамева.
Имено, и премиерот Христијан Мицкоски неколку пати ја прозва Дамева за фалсификат на записници.

Неодамна, премиерот од собраниска говорница посочи дека до него стигнале документи за фалсификување на записници од страна на членовите на советот и повика обвинителството да ги истражи овие случаи. И Мицкоски и Антонио Милошоски тврдеа дека на Дамева функцијата и завршува на 5ти декември, а ја обвинија дека таа незаконски сака да си го продолжи мандатот за уште осум месеци колку што беше разрешена од функцијата лани.

Дамева, пак пред неколку дена си поднесе оставка, а како што образложи, тоа го сторил поради притисоци од премиерот.

-Претседателот на Владата токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет, со кој раководам, има некави кланови и се фалсификуваат записници. Заради заштита на угледот на Судскиот совет и во насока на законито постапување, јавно го повикувам Претседателот на Владата на Република Северна Македонија да ги достави доказите веднаш до ОЈО кои како што од собраниската говорница наведе дека ги има, а се однесуваат на фалсификување на записници во Советот, во спротивно сметам дека треба јавно да се извини на Советот. Во телевизиско гостување истакна и дека на нашето место, на местото на постојаните членови на советите, треба да дојдат „нивни“ луѓе, претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владеачката политичка партија. И ова, во една демократска држава е многу сериозно, да не речам поразително рече Дамева.

Валентина Вурмо

Поврзани новости