Судски совет утре ќе ја разгледува пресудата за разрешувањето на Дамева – треба да постапи во рок од 30 дена

by Fokus

Судскиот совет официјално ја добил одлуката на Управниот суд кој ја прифати тужбата на поранешната претседателка на Советот, Весна Дамева и ја поништи одлуката за нејзиното контроверзно разрешување.

Од Судскиот совет велат дека пресудата стигнала и утре ќе се разгледува на работен состанок.

-Во рок од 30 дена треба да се постапи неа. Право на жалба нема, велат од Судскиот совет.

Сепак се уште е неизвесно дали тоа значи дека во рок од 30 дена, Дамева ќе се врати на претседателското столче. Повеќе детали од Судскиот совет најавуваат за утре.

Дамева беше разрешена со седум гласови по иницијатива на тогашниот нејзин заменик, Селим Адеми, наводно за нарушени меѓучовечки односи.

Според Дамева, причина за нејзиното разрешување поточно беше ставањето во процедура на седница постапката за разрешување на судијата Енвер Беџети, кој девет месеци го држел предметот „Таргет-Тврдина“ во кој обвинет беше поранешниот шеф на УБК,  Сашо Мијалков.

По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд и кривични до Обвинителството.

Одлуката на Управниот суд, како што велат од Судот за „Фокус“, нема да биде објавена денеска бидејќи не била уредно доставена до сите странки. Откако официјално ќе биде доставена, ќе биде објавена, а тоа ќе биде најверојатно деновиве.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости