Судскиот совет ја поздрави и ја прифати идејата на европамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир во која тој најавува дека веќе и е предложено на Владата да се испрати оценска мисија за работата на ова тело.
Советот во соопштение до јавноста вели дека високо ги цени напорите на ЕУ,но и личниот ангажман на Гир во изнаоѓање на конкретни решенија, кои треба да доведат до тоа оваа институција да може докрај да ги оствари своите законски надлежности, и да ги штити и промовира независноста, професионалноста и интегритетот на судството и на судиите.
„Членовите изразуваат целосна подготвеност за отворена и транспарентна соработка со надворешни и домашни непристрасни и објективни експерти, бидејќи сметаат дека само на тој начин ќе се добие многу пореална и вистинска слика за функционирањето и начинот на одлучување во Судскиот совет“, соопшти Судскиот совет.
Премиерот Димитар Ковачевски денес ја поддржа највата за оценска мисија на ЕУ и смета дека со помош на тие наоди ќе може да се подготват реформи за унапредување на работата на правосудните органи.
Судскиот совет во соопштението до јавноста велат дека се загрижени што изминатите недели ова тело било изложено на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања.
„Загрижени сме и поради притисокот од невладиниот сектор со отворени повици за оставки, со намера комплетно да се дезавуира кредибилитетот на членовите, но и угледот на институцијата во целина. Потсетуваме дека Судскиот совет е значајна и неопходна алка во правосудниот систем, како и важен сегмент на реформскиот пат на Република Македонија во евроинтегративните процеси“, соопшти Судскиот совет.
Од Судскиот совет велат дека се свесни за лошата перцепција што е креирана во јавноста во изминатите месеци, но одбиваат да прифатат дека работат нелегитимно и се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси.
„Разочарани сме што јавноста и граѓаните веќе подолг период остануваат покуси и неинформирани за голем број активности што ги спроведува Советот, а кои опфаќаат интензивна работа околу редовната оценка на судиите, избор на нови судии од редот на академците, како и на претседатели на судови, посети, извештаи, постапки за утврдување на одговорност на судии“, соопшти Судскиот совет.
Неодмана холандскиот амбасадор во Македонија Дирк Јан Коп изјави дека одлучиле да стават во мирување голем проект со Судскиот совет, финансиран од нивната Влада, поради корупција, непотизам и клиентелизам во ова тело.