Судски совет: Не сме го изгубиле предметот за Мерко, Антикорупциска да докаже дека има претставка

by Fokus

Судскиот совет ги оценува како неосновани и неаргументирани тврдењата на Државната комисија за спречување на корупција за наводно непостапување, па дури и прикривање во случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Во соопштението од Судскиот совет стои дека за прв пат ургенција од ДКСК до тогашната претседател Павлина Црвенковска е доставена во јуни 2021 година, во која Судскиот совет се информира дека е оформен предмет по нивна иницијатива врз основа на наводи изнесени во медиумите за постоење сомневање дека струшкиот градоначалник ја злоупотребил својата службена положба при набавка на четири автомобили за потребите на општината за 114.000 евра.

„Во прилог на оваа ургенција е доставена и претставка од ДКСК од 18.11.2019 година, која е насловена до тогашниот Претседател на Судскиот совет, Киро Здравев. Во таа прилика, Судскиот совет за прв пат ја добива на увид спомената претставка од 18.11.2019 година адресирана до тогашниот претседател. По направените проверки во Архивата на Судскиот совет, дојдено е до сознание дека таква претставка не е воопшто заведена во електронскиот систем. Оттаму зачудува паушалното тврдење на ДКСК дека ’претставката е загубена’, стои во соопштението на Судскиот совет.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, минатата недела на прес конференција рече дека против струшкиот градоначалник е отворен предмет уште во мај 2019, но немало никаква реакција од Обвинителството. До Судскиот совет тогаш било пријавено дека Мерко влијаел во Основниот суд Струга да му се зголемува минимумот за јавни набавки, иако немало промена на општинската сметка, односно таа и натаму била блокирана. Во 2021 година била доставена ургенција, а од Судскиот совет биле известени дека во електронската архива не бил пронајден таков предмет.

„Ние го имаме доказот. Имаме потврда дека претставката за предметот е примена во Судскиот совет. Во 2016 и 2017 предметот не бил застарен кога сме пријавиле, а потоа предметот исчезнува и застарува“ рече претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска.

Од Судскиот совет ја повикуваат Антикорупциската комисија да достави доказ дека претставката е навистина примена во Судскиот совет во 2018 година, кога се уште течеле роковите за постапување.

„Зачудува фактот што на Антикорупциска и требале дури две години да реагира со ургенција за споменатиот случај и се поставува прашањето зошто не се заинтересирале дотогаш да побараат одговор дали е постапено по истата. Судскиот совет категорично одбива да биде неправедно етикетиран и вбројуван во институции, кои наводно свесно помагале во забошотување на предмети поврзани со струшкиот градоначалник, а уште помалку дека во позадина се некакви политички влијанија“, велат од Судскиот совет.

Од Судскиот совет велат дека уште истиот ден кога била објавена веста за ставањето на Рамиз Мерко на „црната листа на САД“, одлучиле да ги провери сите наводи искажани од Стејт департментот и американската амбасадорка во Македонија за наводни влијанија врз струшките судии од страна на градоначалникот.

Судскиот совет соопшти дека утре тричлена комисија предводена од координаторот за струшкиот суд, м-р Миљазим Мустафа ќе го посети струшкиот суд и ќе разговара со судиите од овој суд за да провери дали имало притисоци, по што во најскоро време ќе биде изготвен извештај, кој ќе биде презентиран пред членовите на Судскиот совет и пред јавноста.

Четиричлена комисија од обвинители од Јавното обвинителство денеска врши надзор на постапувањето во предметите во обвинителствата во Струга и во Битола. По целосните проверки на постапувањето, комисијата ќе изготви извештај.

 

Поврзани новости