Судски совет: Не дадовме мислење за измените на Kривичниот законик, затоа што не побараа

by Fokus

Судскиот совет и Советот на јавни обвинители воопшто не биле консултирани за измените на Кривичниот законик, со кои се намалија казните за функционерите, кои Владата ги утврди, а Собранието ги донесе по скратена постапка.

Со измените, меѓу другите, беше опфатен членот 353 за делото злоупотреба на службената положба и овластување и членот 354 за злосторничко здружување, за кои со најновите измени на КЗ се намалени казните и воведена е горна граница, што повлекува застарување на добар дел од делата по кои се гонат обвинетите во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство .

-По однос на сите овие актуелности каде што сме сведоци на низа реакции во јавноста по однос на измените на Кривичниот законик, јас само ќе потенцирам дека како Совет наоѓам забелешка во делот на транспарентноста, во смисла на чувството дека сето тоа некако се спроведе многу набрзина, без притоа да имаме свое учество, свое мислење како Судски совет. Сметам дека целисходно и правилно би било да имаше една транспарентна постапка каде што ќе се слушнеше и нашето мислење во однос на било какви измени, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.

На новинарско прашање, зошто не дале мислење за измените на КЗ, претседателот на Судскиот совет рече:

-Не сме дале мислење затоа што не побараа мислење од нас.

Тој рече дека се во тек и имаат активно учество со пакетот измени на Кривичниот законик што се во подготовка, а со кои се предвидува пропишување на нови кривични дела, но за неодамнешните измени кои предизвикаа лавина реакции во јавноста не биле консултирани.

 

 

Поврзани новости