Американскиот Стејт департмент соопшти дека го става на „црна листа“ градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, поради неговата вмешаност во значителна корупција.
Поради тоа, Судскиот совет најави дека ќе формира комисија која во Основниот суд во Струга ќе провери дали струшкиот градоначалник се мешал во судски постапки.
„Судскиот совет ќе ги провери наводите на Стејт Департментот и американската амбасадорка и ќе формира комисија, која заедно со координаторот за овој суд од редот на членовите, ќе направи посета на овој Суд, за да може на лице место да направи контрола“ – вели портпаролката на Судски совет, Гордана Дувњак.
Информациите се дека во текот на оваа и минатата година имало вкупно 15 претставки од граѓани на Струга за работата на Струшкиот суд, притоа напоменувајќи оти во ниту еден случај не се доведуваат во врска со градоначалникот на Струга, туку за конкретни предмети во кои се засегнати странките.
Покрај струшкиот градоначалник, американската амбасадорка во земјава денеска најави дека на „црната листа“ на САД ќе се најдат и други имиња, притоа не прецизирајќи кога ќе се случи тоа.