Судски совет го „загуби“ предметот во врска со луксузното „ауди“ на Мерко, тврди ДКСК

by Фокус

Државната комисија за спречување на корупција на денешната прес-конференција потсети дека против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој се најде на „црната листа“ на САД, е отворен предмет уште во мај 2019, но немало никаква реакција од Обвинителството.

Истовремено, до Судскиот совет во 2019 година било пријавено дека Мерко влијаел во Основниот суд Струга да му се зголемува минимумот за јавни набавки во услови на блокирана сметка на општината, па Основниот суд Струга со зголемување на минимумот во 2017 му овозможил на градоначалникот да купи скапо службено возило, што било пријавено во Судскиот совет, но од таму таинствено го изгубиле предметот.

– На 20 мај 2021 доставена е уреганција до Судскиот совет. На 7 јули 2021 не известува дека по проверките на електронската архива не е пронајден таков предмет, а еве ја претставката со картонче дека преметот е примен во Судскиот совет. Во 2016 и 2017 предметот не бил застарен кога сме пријавиле, а потоа предметот исчезнува и застарува – рече претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска.

Таа потсети дека ДКСК до Јавното обвинителство на 18 ноември 2019 поднесло иницијатива за кривично гонење на Мерко, а предметот преку ОЈО Струга патувал до ОЈО за организиран криминал и корупција и од тогаш Антикорупциска нема никаков фидбек до каде е случајот.

– Од тука натаму не знаеме што се случува со предметот, освен последното известување од координаторот на Републичкото јавно обвинителство, кој ни рече дека во тек е увид и проверка во постапувањето по предметите и дека не се во можност да ни дадат информација. Вчера тоа го побаравме и ни кажаа дека не можат да споделат повеќе податоци – наведе Ивановска.

Поврзани новости