Судски совет го разреши Панчевски

by fokus

Со девет гласа „за“ и еден „против“ Судскиот совет изгласа да се разреши од судиската функција екс претседателот на Кривичен Владимир Панчевски, јавува Телма од извори во советот. За Панчевски се водеше постапка за нестручно и несовесно работење, а од летоска беше и суспендиран од работното место судија за прекршоци во Основниот суд Скопје еден.

Тој е обвинет и за злоупотреба на службена положба за распределувањето на предметите преку АКМИС системот, но судењето не е почнато.

Оваа одлука е донесена на точка која е затворена за јавност. Судскиот совет денеска повторно го одложи изборот на шест судии за скопска апелација која кубури со судии поради што важи и за неажурен суд. Седницата каснеше еден час бидејки во кабинетот на претседателот држеа колегиум, но не супеале да се договорат кого да изберат. Претседателот на Судскиот совет признава има проблем во координирањето и вели не сака да пропадне огласот па да се распишува нов.

100-тина судии од цела држава конкурирале за скопска апелација, меѓу кои и голем број судии од кривичен кои подолго време водат предмети на СЈО како судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани од предметите „Монструм“, „ТНТ“, „Талир“, „Титаник“ и др.

Иако беше ставена на дневен ред, под точка „разно“, сепак Судскиот совет не одлучуваше за судијката поротничка на која и истече мандатот и која постапува во неколку случаи на СЈО.

Поврзани новости