Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја обжали ослободителната пресуда за актерката Силвија Стојановска за учество во шверц на дрога, која претходно ја донесе Основниот кривичен суд.
Денеска во скопска Апелација се одржа седница по однос на жалбата со која се бара да биде укината пресудата и предметот да биде вратен на повторно судење.
Вишото јавно обвинителство предложи да се уважи жалбата на Основното јавно обвинителство како основана.
Според жалбата на ОЈО, во ослободителната пресуда е погрешно утврдена фактичка состојба и пресудата е нејасна.
Бранителот на Стојановска, Димитар Савовски пред Судот рече дека првиот негов впечаток е дека Обинителство не очекува нивната жалба да биде прифатена.
Барањето за укинување на пресудата е спротивно на ЗКП. Во оваа фаза не може да се укине пресудата. Туку треба да се одржи главна расправа.
Вчера добив решение дека се укинуваат мерките за претпазливост, а ОЈО немаше против барањето да се уважи. Ако ОЈО смета дека обвинетета е виновна, зарем би прифатил укинување на мерките, рече Савовски.
Стојановска и лично има поднесено одговор на жалбата.
Имам и дополнување на мојот одговор на жалба. Жалбата во голем дел се однесува на повиците од мојот телефон, дека јас по сметките би требало да знам дека Воислав комуницирал преку мојот телефон. За целиот овој период веќе петта година сум под неверојатна психичка пресија, што доведе до пет напади на абдоменот. Како и да одлучите, ве замолам тоа да биде донесено во некој брз рок. Јас сум силен човек, но ова веќе не можам да го издржам, рече Стојановска пред Судот.
Апелација има законски рок од 60 дена да се произнесе по жалбата поднесена од Обвинителството.
Пред да биде донесена ослободителната пресуда во септември минатата година, Апелација донесе одлука да го врати предметот на повторно судење, откако првично Стојановска беше осудена на три ипол години затвор поради шверц на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.
К.С.Б.