Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ја осуди Романија за разрешувањето на директорката на Националната дирекција за борба против корупцијата, Лаура Ковеси, која во меѓувреме стана првиот шеф на Европското обвинителство за спречување измама заради нејзините критики против законодавните реформи, јави дописникот на МИА.
Во оваа пресуда, ЕСЧП пресуди дека разрешувањето од јули 2018 година на Лаура Ковеси, магистрат кој стана икона во борбата против корупцијата во Романија, ја наруши нејзината слобода на изразување. Таа беше „разрешена поради критиките што ги упати во вршењето на своите функции, по прашање на јавен интерес“, смета ЕСЧП.
Романската Влада не може да го оправда, во името на која било легитимна цел, ова мешање во остварувањето на слободата на изразување на судијата, подвлекува судот. Една од задачите на овој магистрат се состоеше токму во „изразување на нејзиното мислење за законодавните реформи што веројатно ќе имаат последици за судството и врз нејзината независност, како и во борбата против корупцијата“.
Ова разрешување, пред крајот на нејзиниот втор мандат како главен обвинител на Националната дирекција за борба против корупцијата (ДНА), беше „спротивно на самата цел за одржување на судската независност“ и можеше да ги обесхрабри другите обвинители и судии да учествуваат во јавните дебати за законодавните реформи кои влијаат врз судството, посочуваат судиите на ЕСЧП.
Судот исто така оцени дека Лаура Кодрута Ковеси немала ефикасно средство да го оспори нејзиното разрешување на суд, „бидејќи таквата постапка ќе дозволи решението за претседателско разрешување да биде испитано само во форма“. На чело на ДНА помеѓу 2013 и јули 2018 година, Лаура Кодрута Ковеси влезе во отпор против контроверзната реформа на судскиот систем предводена од Социјалдемократската партија (ПСД) што нејзините противници ја обвинија дека сакаат да го „контролираат правосудниот систем“.
Под нејзино водство, обвинителите обвинија 14 министри или поранешни министри, 43 парламентарци и повеќе од 260 локални избрани функционери. Меѓу нив и еден виден политичар од ПСД Ливиу Драгнеа, кој долго време важеше за најмоќен политичар во земјата. Таа ги инспирираше илјадниците романски демонстранти кои од јануари 2017 година редовно излегоа на улиците, носејќи плакати се нејзиното име, за „да го бранат владеењето на правото“. Таа во октомври 2019 година стана првиот шеф на Европското обвинителство за спречување измама, нова клучна позиција во телата на ЕУ.
Ова независно тело ќе биде одговорно, од крајот на 2020 година, за пронаоѓање, гонење и изведување пред лицето на правдата, на сторителите на кривични дела кои влијаат на финансиите на ЕУ.