„Eвропскиот суд за човекови права на 25.09.2020 година, на одговор до Владата на Република Северна Македонија достави две групи на апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, a во однос на предмети кои се тековни пред домашните судови и се во врска со прислушкуваните разговори. Но, овие апликации не се одлучени од страна на ЕСЧП, туку на 25.09.2020 година, само се доставени на одговор до Владата на Северна Македонија, а постапката за нивно одлучување треба допрва да почне наредната година. Апсолутна шпекулација се информациите за евентуалните последици по тековните предмети пред домашните судови, кога предметните постапки пред ЕСЧП се во почетна фаза на комуникација, а за исходот од постапките, секако ќе треба да се почека одлуката на ЕСЧП која може да дојде и по 3 години“, истакна министерот за правда.
Тој додаде дека со ширењето на лажната вест дека предметите потонале се врши притисок врз домашната правосудна власт да не одлучува по овие предмети. Претходно, оваа информација излезе на Вечер.мк, каде беше објавено дека Судот за човекови права во Старзбур одлучил дека важи аболицијата на Иванов од април 2016 година, со која од прогон се аболицирани 54 лица. Во таква ситуација, најголем дел од предметите кои сега се во фаза на судење по обвинение од СЈО би морало да запрат.
„Судот во Стразбур за својот став ја известил и македонската влада уште на 14 септември и решил одлуката да се спроведе во две фази. Првата фаза е да се наложи на извршната и судска власт да најдат начин спогодбено да се спроведе одлуката од Стразбур во договор помеѓу правосудниот систем и прогонетиот, односно обвинетите или осудените. Рок за ова е до 20 декември годинава. Со ова треба самиот суд, или сега веќе Јавното обвинителство кое ги презема предметите од СЈО, да се спогодат со обвинетите за повлекување на предметите без барање трошоци, надомест на штета и слично. Втората фаза ќе настапи ако не се изврши бараното во првата фаза. До март следната година, ако нема спогодба, одлуката на Судот за човекови права од Стразбур ќе мора да се спроведе облигаторно, без задршка и без условувања“, објави Вечер.мк.
Инаку, своевремено Иванов донесе одлука за аболиција на широк спектар на тогашни високи државни функционери, што се смета како повод за почеток на Шарената револуција. Меѓутоа, под притисок на јавноста тој Иванов ја повлече масовната аболиција. Подоцна, дел од обвинетите почнаа да се повикуваат на неа, истакнувајќи дека кога еднаш ќе биде прогласена не може да се повлече.