Европскиот суд за човекови права денеска објави дека може да суди по тужбите поднесени против Русија од страна на Холандија и Украина за наводно кршење на човековите права во источна Украина во 2014 година, вклучувајќи го и соборувањето на малезискиот патнички авион MH17.
Тужбите беа поднесени пред руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, а одлуката на највисокиот европски суд со седиште во Стразбур е значителен напредок во напорите на Холандија и Украина да ја повикаат Русија на одговорност за нејзините постапки во Украина и може да отвори врата за компензација,
Холандскиот министер за правда Дилан Јесилгоз-Зегериус на својот профил на Твитер објави дека ова е „добра вест” и дека одлуката на судот е „уште еден важен чекор на патот кон вистината и правдата за жртвите и роднините на жртвите, кои загинаа на летот MH17″. Одлуката ја поздрави и холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хекстра.
Судот соопшти дека доказите презентирани на сослушувањето минатата година покажале дека од 11 мај 2014 година, областите контролирани од сепаратистичките бунтовници биле „под јурисдикција на Руската Федерација” и дека Москва имала „значително влијание врз воената стратегија на сепаратистите” вклучувајќи и испорака на оружје, артилериски напади на барање на бунтовниците и обезбедување политичка и економска поддршка.
Судот, исто така, наведе дека биле презентирани доволно докази кои биле прифатливи во однос на тврдењата на Украина за кршење на човековите права и во сродниот случај со соборувањето на MH17 на барање на Холандија, а помал број докази не биле прифатливи.
Бен Емерсон, адвокат кој ја застапуваше Украина на сослушувањето, рече дека одлуката на судот „покажува дека претседателот (Владимир) Путин не може да ја избегне долгата рака на меѓународното право.
Според него, судот одлучил дека има надлежност „да ја повика Русија на одговорност, да донесе правно обврзувачки наоди во врска со вината на Русија и да додели право на компензација за руските воени злосторства, вклучително и убиството на украинските цивили, соборувањето на патничкиот авион МХ17 , мачење и убивање на воени заробеници, уништување и незаконско присвојување на приватен имот, киднапирање на три групи деца сирачиња и нивно принудно пренесување во Русија”.
Судот во Стразбур е важен дел од Советот на Европа, најважната европска институција за заштита на човековите права. Русија беше исклучена од Советот минатата година поради инвазијата на Украина, но судот сè уште може да ги сослуша тужбите поднесени пред протерувањето.