Судот за човекови права во Стразбур го одби барањето на бизнисменот Орце Камчев на државата да и се изрече времена мерка. Ова всушност значи дека судот одби да и наложи на државата да го пушти Камчев во домашен притвор и да му бидат извршени прегледи од кардиолог.
Адвокатите на бизнисменот Камчев во изминатиот период постојано реагираат дека здравствената состојба на нивниот клиент е влошена, а тој, наводно, не го добива содветниот лекарски третман додека е во притвор. Тие реагираа во Европскиот суд за човекови права од каде што побараа одговори од македонската Влада.
Европскиот суд за човекови права согласно со правилото 39 од Правилата на Судот во случајот на г-дин Камчев, а поради причина на флагрантно и континуирано кршење на неговите основни човекови права, е во постапка за изрекување на времена мерка со која на македонските власти треба да им се наложи под итно да извршат медицински преглед од кардиолог и итно ослободување и сместување во домашен притвор поради неговата влошена здравствена состојба“, се наведуваше во соопштението од неговите адвокати.
-Барањето за времена мерка против државата е одбиено, потврди владиниот агент Даница Џонова за „Фокус“.
Одговорот на Владата се движел во насока дека на притвореникот му се пружа соодветната здравствена заштита, а тој самиот во неколку наврати одбил да оди на преглед. Како што веќе објави „Фокус“, тој дури пет пати одбил да оди на лекар.
-Од добиените службени белешки и известувања доставени од КПУ Затвор Скопје и своерачно пишани изјави од обвинетиот во периодот од 23.06.2021 година до 02.11.2021 година обвинетиот 5 пати своеволно одбил да биде спроведен на медицински преглед во ЈЗУ УК за Кардиологија при комплекс клиники Мајка Тереза, ни одговорија од Кривичниот суд.
Оттаму појаснуваат дека по дадените одобренија за преглед од судот, обвинетиот Камчев дал забелешка дека нема довреба во клиниката и бара да биде прегледан од лекар на кој му верува, односно дека неговите барања се однесуваат за медицински преглед во Аџибаден Систина.
-Во однос на сите барања доставени од одбраната на обвинетиот за медицински преглед или посета, по комплетирање на целокупната медицинска документација, најчесто уште истиот ден кога и било поднесено барањето, Судот давал дозвола за спровод на обвинетиот на соодветен преглед или посета, со оглед на истноста во постапувањето како и доследно почитување на правата на притвореното лице, појаснуваат од Судот.
Од Кривичниот суд за “Фокус” појаснуваат дека му било дозволено и лекари од приватна клиника да го прегледаат во затворот “Скопје”.
-Во текот на изминатиот месец по барање на одбраната, судот има дадено дозвола медицински лица од приватна клиника да извршат преглед на обвинетиот во присуство на затворскиот лекар. Воедно во текот на овој месец од страна на Затворските служби судот е известен дека обвинетиот бил тестиран за присуство на вирусот Ковид – 19, кој бил негативен, како и известување дека обвинетиот бил вакциниран со трета доза за Ковид -19, појаснуваат од Кривичниот суд.
Од правниот тим на Камчев, пак алармираа дека медицински белешки потврдени од кардиолози од Македонија како и од кардиолози од Австрија и Словенија укажуваат на тоа дека тој спаѓа во групата на „пациенти со висок ризик од смрт поради кардиоваскуларни проблеми’’ и постои висок ризик со животозагрозувачки последици доколку неговата состојба не е соодветно третирана и следена.
Камчев веќе неколку месеци е во притвор како обвинет во случајот „Плацевите на Водно“, кој се наоѓа во доказна постапка.
В.В.