Судот во Сараево им одреди притвор на Додик и соработниците

by Фокус

На предлог на Обвинителството на Босна и Херцеговина, Судот на Босна и Херцеговина во Сараево му одреди едномесечен притвор на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, премиерот на тој ентитет, Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, потврдија од Одделот за информации на Судот на БиХ за „Ал Џазира“.

„Станува збор за минимум 30 дена притвор, а тој рок може да се продолжи доколку е потребно. Она што можеме да го знаеме е дека тројцата осомничени ќе бидат задржани доколку бидат уапсени или се пријават во Судот на БиХ“, велат од судот за телевизијата.

Откако беа повикани да се појават пред Обвинителството на БиХ, Додик, Стевандиќ и Вишковиќ не се појавија и повеќепати изјавија дека нема да се појават пред Судот на БиХ, како осомничени за уривање на уставниот поредок.

Вчера, Парламентот на Република Српска во Бања Лука го изгласа нацрт-уставот, во кој, спротивно на уредувањето на БиХ согласно Дејтонскиот договор, му се дава можност на српскиот ентитет да се отцепи и да се припои кон соседна држава.

Додик претходно беше осуден на една година затвор и шест години забрана за политичко дејствување, поради непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит.

Државната агенција за истраги и заштита соопшти дека станува збор за операција на апсење со висок ризик, додавајќи дека „поради големиот јавен интерес, како и точни информации, ве известуваме дека СИПА не одбила помош од Судската полиција на БиХ, која се однесува на извршување на наредбата на Обвинителството на БиХ“.

„Имајќи ја предвид сложеноста на ситуацијата, СИПА изврши безбедносна проценка, која беше оценета како високоризична и како таква е доставена до Судската полиција на БиХ, за дополнителни информации до надлежните институции, поточно до Обвинителството на БиХ“, велат од агенцијата.

Обвинителот на Обвинителството на БиХ, Ќазим Хасанспахиќ, утринава издаде наредба Милорад Додик, Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ да се доведат на распит во Судот, при што побара и асистенција од СИПА.

Поврзани новости