Судот уште не е известен дека е разрешена судијката Михајлова која додека беше адвокат му испрати писмо на Груевски и се жалеше на судството

by fokus

Кривичниот суд до овој момент се уште не добил официјално известување од Судскиот совет дека е разрешена судијката Татјана Михајлова која работи на прекршочна материја во овој суд.

-Како суд до овој момент не сме известени за било какво разрешување на судија од овој суд од страна на Судскиот совет, велат за Фокус од Кривичниот суд.

Судскиот совет вчера ја разреши судијката Михајлова поради нестручно работење и злоупотреба на АКМИС системот. Инаку, Михајлова ја извршуваше функцијата в.д. претседател на кривичниот суд, откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски му истече мандатот.

Михајлова како претседател донесе нов годишен распоред, со кој дел од судиите од кривичниот беа префрлени во прекршочниот или други оддели во судот. Врховниот суд прифати седум од вкупно осумте приговори на прераспоредени судии и го поништи нивното прераспоредување, по што таа поднесе оставка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1.

Таа беше и судечки судија во случајот на СЈО, „Насилството во Центар“. Михајлова често пати влегуваше во жестока расправа со обвинителите од СЈО, а на едно од рочиштата ги казни обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи со по 2.000 евра за „непочитување на судот”. Таа во овој случај донесе решение со кое забрани дел од „бомбите“ и заштитен сведок да бидат користени како докази во судењето против поранешниот премиер, Никола Груевски и другите 13 обвинети.

Подоцна предметот и беше земен, бидејќи од 1 јануари 2018 година, од Одделението за организиран криминал беше прераспоредена во Одделението за прекршоци.

Михајлова беше истражна судијка во случајот „Ликвидација“, во кој меѓу обвинетите, а потоа и осуден на четири и пол години затвор беше и новинарот Томислав Кежаровски.

Судијката пред да биде избрана за судија во Кривичниот суд работеше како адвокат и како бранител во предеметот „Македонија табак“ му напиша писмо на тогашниот премиер, Никола Груевски во кое обвинува скопски и штипски судии, но и обвинители за криминал поради отфрлањето на пријавите што ги поднесувала Михајлова.

Таа му укажува на тогашниот премиер дека реформи не се прават со стари кадри, а кратко по испраќањето на писмото таа станува истражна судијка во Одделението за организиран криминал.

Михајлова има право на жалба за нејзиното разрешување до Врховниот суд. Од Кривичен не откриваат дали судијката се уште оди на работа или користи боледување.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости