На денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ во Основниот кривичен суд во Скопје, Обвинителството и одбраната изнесоа предлози за дополнителни докази кои произлегуваат од главната расправа, кои Судот ги прифати.
Одбраната предложи како дополнителен доказ вештакот Ѕвонко Кочовски да даде вештачење колкава е вредноста на системот за следење на комуникации на денот на неговото уништување.
Како што појаснија од Обвинителството, за доказната постапка тие предложиле Кочовски да го изврши истото вештачење, но бидејќи во тој дел од процесот неговата лиценца за вештачење била истечена, Судот не го одобрил.
Тоа е единствената околност поради која во тој момент неговото вештачење било одбиено. Поради продолжување на неговата лиценца, Судот во овој дел од процесот го прифати предложеното од страна на Обвинителството.
Вештакот до понеделник треба да го достави вештачењето.
Во продолжение на денешното рочиште ќе бидат изнесени докази од страна на одбраната и Обвинителството.
Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани. МИА