Кривичниот суд дури денеска попладне во 17 часот ќе врши темелна дезинфекција на сите судници и останати простории во судот и нема да ги одложува судењата и покрај ширењето на корона вирусот. Судот соопшти дека ќе постапува по препораките на Министерството за правда и Судскиот совет.
-Вакви дезинфекции од специјализирана фирма ќе се вршат секој петок се додека постои опасност од ширење на вирусот, а во меѓувреме судските служби за одржување, согласно препораките, секојдневно ќе вршат чистење на судот по неколку пати во текот на работниот ден. Воедно сите судски полицајци и службеници кои имаат директен контакт со странките задолжително носат стерилни ракавици, а за странките се обезбедени средства за дезинфекција, се вели во соопштението од Судот.
Претходно, Кривичниот суд соопшти ќе продолжи со судење на сите расправи за кои постојат услови за нивно одржување се до добивање нови напатствија од Министерството за правда и Судскиот совет и испрати апел до странките и тие доследно да се придржуваат до препораките за заштита.